Топ Вести

Червар: Металург останува препознатлив европски бренд

05.08.2017 17:27
04082017213131_web_metalurg_podgotovki1

Ракометарите на Металург вчераутро заминаа за Маврово на седумдневни подготовки за предизвиците што им претстојат во новата сезона, во Лигата на шампионите (ЛШ), во Сеха-лигата и во домашното првенство. Стратегот на металурзите, Лино Червар, речиси го дефинира составот со кој сезонава ќе се обиде да направи чекор напред во натпреварувањата и со фантастична, борбена и мотивирана игра повторно да остави белег на европската ракометна сцена.

Среќни сме и задоволни што, и покрај сите проблеми, Металург остана добро познато и ценето име во ракометна Европа, што Европската ракометна федерација (ЕХФ) продолжува да ги препознава и да ги поддржува нашата работа и нашиот создавачки концепт и што ни ја додели улогата на носител на групата “Д“ во ЛШ. Сите тие признанија ќе бидат дополнителен мотив за нас добро да се подготвиме за новата сезона и да направиме чекор напред во однос на претходните сезони“, истакна Лино Червар пред заминувањето за Маврово.

Во пресрет на новата сезона, Металург го напуштија левото крило Мартин Марчец и бековите Амин Јусуфинеџад, Немања Младеновиќ, Горан Печенковски и Предраг Вејин. Од интернационалците и во наредната сезона дресот на Металург ќе го носат голманот Дарко Арсиќ, крилата Вања Илиќ и Александар Гуглета. Нови имиња во тимот на Червар се младите леви бекови, Словенецот Јануш Лапајне (22) и Црногорецот Божо Анџелиќ (25), Србинот Лука Стојановиќ (19) и десното крило Хрватот Анте Токиќ (24), а се очекува ангажирање и квалитетен десен бек.

Кон првиот тим на Металург во новата сезона се приклучија и четворицата млади репрезентативци од Металург 2, Мице Шилегов (десно крило), Марио Танкоски (лев бек), Димитар Димитриоски (централен бек и лево крило) и Милан Лазаревски (пикер). Повратници во тимот од Автокоманда се голманот Никола Данаиловски, кој беше позајмен во Пелистер, и Дарко Димитриевски од Борец.

Силните противници во групата “Д“ во ЛШ ќе ни бидат голем мотив при подготовката на екипата во претстојниот период. Верувам дека со добри подготовки, мотивирана игра и сериозен пристап на секој од мечевите, можеме да прикажеме многу добри игри сезонава. Монпелје и Запорожје се меѓу поквалитетните екипи, што не значи дека другите се слаби. Затоа од играчите ќе барам максимален пристап на секој тренинг и во секој дуел од подготовките, за да имаме што поуспешна сезона“, рече Червар.

Што се однесува до амбициите на Металург, Червар вели дека првенствена цел е Металург и натаму да биде препознатлив бренд во Европа.

Бренд во кој младите ракометари ќе демонстрираат фантастична борбеност, бренд што секогаш има нешто ново да покаже на теренот и да го изненади и намачи противникот без разлика на составот и на имињата“, истакна Червар.

По седумдневните подготовки во Маврово, Червар ќе има можност на дело да ја види првичната форма на својот состав на 45-от традиционален ракометен турнир во Струга. Противници на Металург во групата Б ќе му бидат минатогодишниот победник, француски Шартр, и домаќинот Струга. Во зависност од пласманот, Металург ќе вкрстува со некоја од екипите од групата А, каде што се Охрид, Бешикташ и Алингсас.

Во групата Д во ЛШ противници на Металург ќе му бидат Мотор Запорожје, Чеховски Медведи, Бешикташ, Монпелје и победникот од квалификацискиот турнир, во кој ќе играат Спортинг Лисабон, Татран Прешов, Кокс или Алпла Хард.

Сигурен сум дека Металург оваа сезона повторно ќе ја наполни салата во СЦ „Борис Трајковски“ и дека публиката ќе ужива во натпреварите од ЛШ и во Регионалната лига. Моја обврска и должност е и сезонава да го уиграм и да го мотивирам тимот, кој со својата игра и борбеност ќе биде за почит во Европа и што ќе направи чекор напред во однос на минатата сезона“, вели Червар.

Прочитано 1.763 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


3 − 1 =