ГО СРУШИВМЕ И ЕЛВЕРУМ

03.10.2015 22:04
DAR_4333_resize

za tekst

Голема победа извојува нашиот млад тим во третото коло на Лигата на шампионите, ја срушивме екипата на Елверум, која ја совладавме со резултат 22:19 (10:12). По три одиграни кола, Металург собра четири бода, бод повеќе отколку во целата минатогодишна сезона во ова најквалитетното европско натпреварување. Остваривме фантастичен резултат, без разлика што настапуваме во група која квалитативно е послаба од таа во која бевме минатата година. На најдобар начин ги демантиравме бројните скептици, кои ни наметнуваа улога на аутсајдер и ни го предвидуваа последното место во групата. Металург уште еднаш покажа дека ниту едно остварување не е недостижно за нас и дека никогаш не смееме да бидеме ниту потценети, ниту прежалени.

Денешниот натпревар беше тежок, многу потежок од оној претходниот, против екипата на Кадетен Шафхаузен, но потежок беше и противникот, особено што оваа средба беше пресудна и за него, во стилот “се или ништо“.

Првото полувреме помина во израмнета борба во која и двете екипи имаа свои падови и подеми. Првата половина од овој дел мина во знакот на противникот. Металург играше стегнато и имаше проблем со реализацијата, па минаа 11 минути меѓу нашиот втор и трет гол. Потоа нашите ракометари се опоравија од почетниот притисок и, со серија од 4:0, се вратија во игра. Срцата им се стегнаа на сите присутни во СЦ Борис Трајковски, кога во 17. минута го изнесоа повредениот Јанко Божовиќ, кој го повреди скочниот зглоб. Моравме да продолжиме без него. До крајот на првото полувреме беше неизвесно, но ова половина сепак им припадна на гостите, кои на одмор заминаа со предност од два гола, 10:12.

Лино Червар за време на одморот инсистираше нашите ракометари да ја засилат одбраната, да ги намалат техничките грешки и да бијат од изградени и сигурни позиции.

Второто полувреме како да го почна друга екипа, кој малку наликуваше на таа од првото. Игравме како по ноти, се вративме на посигурната одбрана 6-0, и направивме целосен резултатски пресврт. Елверум прв поентираше во второто полувреме и поведе со максимални 10:13, а потоа Металург врати со разурнувачка серија од 7:1, 17:14, која и го реши натпреварот. Без разлика што противникот направи се за да го стигне нашиот резултат, тоа не се случи. На минута до крајот имавме максимални +5, 22:17, но примивме два гола и средбата ја завршивме со позитива од само три гола, 22:19.

И покрај повредата, Божовиќ повторно беше нашиот најпрецизен ракометар со 6 гола, повеќето од линијата од седум метри. Повторно меѓу најдобрите беа голманот Дупјачанец, кој собра 13 одбрани, и Мраковчиќ, со 4 постигнати гола.

Металург – Елверум  22:19 (10:12)

Металург: Дупјачанец (11 одбрани + 2 седмерци), А.Пешевски, Божовиќ 6, Бувиниќ 1, Костески 2, Крстевски, Кукоски, Кузмановски, Маџовски 2, Матиќ 3, Мраковчиќ 4, Палевски, Ж.Пешевски 3, Петров, Талески 1 и Велковски.    Седмерци: 5/6.    Исклучувања: 2 минути.

Елверум: Боресен 2, Буруд 1, Екрен, Јансруд, Линдбое 3, Линдеруд, Мехл 2, Митровиќ 6, Нергард, Нордберг, Оејен, Оверби 3 и Стегавик 2.     Седмерци: 2/4.    Исклучувања: 6 минути.

Прочитано 3.052 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 − = 2