Топ Вести

ИНТЕРВЈУ НА ЛИНО ЧЕРВАР ЗА ПОРТАЛОТ “БАЛКАН ХАНДБАЛ“: МЕТАЛУРГ ПРАЌА ПОРАКА

05.03.2014 20:50
cervar_zika_resize

za tekst

Интервјуто е преземено од порталот “Балкан Хандбал“.

Со успесите на македонскиот Металург започна македонската ракометна револуција, која ги надмина границите на Балканот и полека станува и европски феномен. Во моменти кога  Западна Европа нема нешто ново да му понуди на нашиот спорт, од една мала земја доаѓа неверојатна енергија и фанатичност, која ракометот го направи спорт број 1, го дигна на пиедистал, како елитна работа во државата, што е реткост во денешниот свет. Еден од иницијаторите на сето тоа беше и хрватскиот тренер Лино Червар, кој повторно имаше што да каже за  “Балкан Хандбал“, за време на престојот во Белград, минатиот викенд.

“Ентузијазмот е многу важен. Тој се изгуби секаде околу нас, а некогаш беше приоритет. Ентузијазмот е моќ, концентрација и внатрешна сила“, ја почнува елоквентниот тренер на Металург својата приказна за македонското ракометно чудо.

Металург трета сезона по ред стигнува до Топ 16 фазата во ЕХФ Лигата на шампионите, но се чини дека со досегашните резултати веќе го израмни резултатот од минатата година. Ефектот е неверојатен…

“Се зборуваше дека нашата група е група на смртта. Кога ги имаш пред себе ПСЖ и Барселона, тогаш се подготвуваш само за порази. Размислуваш дали можеш да го победиш Динамо, со 11-12 нови ракометари, искусни интернационалци, во ситуација кога во Лигата на шампионите влегуваш преку квалификации, бидејки Вардар ја освои домашната титула. Бевме во тешка ситуација, но ги демантиравме сите. Останавме без главниот лидер на екипата, Мојсовски, без клупа, бидејки заминаа Козлина, Додер, Батиновиќ, топ играчи кои ја делеа минутажата со првата постава“.

Имавте шанса да дојдете до второто место во групата…

“Ако зборувавме за тоа пред почетокот на натпреварувањето, некој би кажал дека сме луди. Да се победи Барселона, а ПСЖ за малку да се совлада двапати, е за почитување. Цела Европа виде како ја надигравме Барселона. Тие сакаа да не победат. Во таква ситуација секој тренер би бил горд. Дури и ништо друго да не постигнеме и да не се пласираме меѓу осумте, како минатата година, ова е веќе идентично постигнување“.

Како се рангираат победите во кариерата ?

“Оваа, против Барселона, е исклучително драга. Без разлика што некој не сака да признае дека е подобар или послаб од тебе. Ако му признаеш некому, испаѓа дека ти не знаеш. Некои играчи тешко ќе признаат пораз против нас, особено ако се платени со астрономски цифри и имаат милионски буџети, а потоа доаѓа некој мал Циндриќ од Огулин и ги држи на дланка. Го имаш Миркуловски, кој е енигма. Делува како да не може, а има две срца, голем борец е. Тука е и човекот со 39-40 години, Ренато, кој ќе одигра животна партија. Тоа не е лесно да се изџвака“, вели Лино.

Во Топ 16 ги избегнавте Германците, Фленсбург и Р.Н.Ловен, но, ве чека најдобриот скандинавски тим – КИФ Колдинг…

“Воопшто не се залажувам дека ќе може да биде лесно. Цврсто стојам на земја. Знам дека против кого и да играме ние не сме фаворити.Тие се фаворити. Но, секогаш постои можност да победиме и мораме да мислиме позитивно. Верувам дека, ако бидеме борбени и дисциплинирани и со здрав Атман, можеме да се бориме и да ги минеме. А тамо се Хвидт, Боесен, Спелерберг, Рокас и Карлсон, Јоргенсен, кој доминира во одбраната. Јасно е какви играчи се тие, но нашите натпревари покажаа дека ние не сме екипа која има чувство на помала вредност и комплекс. Сите свои недостатоци ги претвораме во мотив“.

“Борис Трајковски“ треба да се прошири…

“Повторно ќе направиме празник. Ќе дојдат луѓе од Скопје и од Македонија. Имаме најмногу навивачи. Ние сме клуб на цела Македонија. Имаме навивачи од Скопје, но и од другите градови. Во тоа е нашата сила. Успех е што сме втора најгледана екипа после Кил, успех се и нашите 3500 сезонски карти, и што салата ја продаваме за 20 минути. Имаме најмал буџет од сите свои противници. Еве преку ноќ се распадна Динамо од Минск, со 3,5 милиони евра буџет. Ние сме една стабилност и сила од вториот ред. Не ни е лесно. Тешко е за време на кризи, но тоа не се гледа од нашата игра. Не краси желбата за победи и ентузијазмот“.

Еуфоријата која го тресе македонскиот ракомет не може да се спореди со односот кон нашиот спорт во ниту една друга земја во светот. Има земји каде ракометот силно се сака, но тој степен на поистоветување со победите не го гледаме никаде на друго место…

“Неверојатен е нашиот допринос во тоа. Имаме многу деца, а со нив одат и родителите. Имаме 17 школи низ цела Македонија. Битола, Прилеп, Струга, секаде децата играат во наши дресови. Отворени сме кон семејствата, кон семејните вредности, поинаку работиме, и веќе почнаа да не копираат. Тоа е победа на спортот. Погледајте го амбиентот пред почетокот на средбата. Пратете ги во текот на целиот натпревар. Нема соблекување на маици до појас, нема вртење грб. Ние сме европски тим, нашето однесување е такво, ја промовираме културата на напредните земји и тоа ме прави задоволен. Кога гледате натпревар на Металург, не би рекле дека се игра во Македонија, земја која е несфатена и која се бори за својот идентитет. Мала земја која се дрзна да се бори за своето име. Кога ќе ги погледнете нашите трибини, како се однесуваат нашите луѓе за време на натпреварот, тоа е Запад. Се лажат сите што мислат поинаку“.

Како гледате на ривалитетот меѓу Вардар и Металург?

“Го почитувам тој клуб, тој е концепиран на поинаква основа, но се бори да направи резултат, да се организира. Им давам поддршка и мило ми е што се пласираа во Топ 16. Немам ниту еден збор против нив. Имаме различни концепции, тие прават селекции од европски ракометари. Имаат многу странци. Ние, во нашиот ростер, имаме 70 проценти македонски играчи. Од една страна имате автентичен македонски клуб, а од другата страна е Вардар, кој се базира на странци. Во шест репрезентативни машки и женски селекции повеќе од 50 проценти од играчите доаѓаат од Металург. Со тоа реков се“.

Дали се плашите да ја загубите резултатската трка со “црвено-црните“, имајки ги предвид вложувањата на Сергеј Самсоненко и најавите дека ќе се засилуваат со играчи од светска класа?

“Би сакал да ги купат најдобрите играчи на светот и повторно да ги победиме. Тоа за мене е предизвик. Зарем и ние треба да го правиме истото, да купуваме и да се натпреваруваме? Тоа не е исто. Сепак, јас ги исполнив своите детски соништа, освоив се што може да се освои, но, за да бидам запамтен, се обидувам да ја победам Барселона со мозаик од млади и стари играчи, воглавно неафирмирани. Тоа е мојата мотивација“.

Најавувате подмладување, доаѓање на нова генерација на млади играчи предводени со екстраталентираните Талески, Нелоски…

“Ја имаме таа млада екипа која игра во домашната лига и која ќе биде во плеј-офот на домашното првенство. Ќе извршиме подмладување наредната сезона, јавноста ќе виде пет-шест ракометари од два метри. Сега го доведовме Вуко Борозан, момче од 204 см. Ќе ни требаат уште двајца тројца, за да наредната сезона излеземе на терен со десетмина ракометари повисоки од два метри. Тоа ќе бидат нови глумци. Луѓето сакаат нови лица, а тие момци од 18 до 21 година ќе бидат нов предизвик за сите“.

Минатата сезона останавте без титула. Какви поуки извлековте од поразот од Вардар?

“Мораме да бидеме внимателни. Имаме поголем мотив, многу поголем од нивниот. Сакаме да го победиме македонскиот шампион – селекцијата на Европа“.

Како гледате на развојот на СЕХА-проектот?

“Тоа е лига во создавање. Така јас ја разбирам. Таа не е легитимно прифатена од ЕХФ. Ја гледам огромната шанса на лигата, но мораме да се организираме, за да бидеме пример за другите. Нема туку така да бидеме подобри од Бундес-лигата, мораме да понудиме новитет со начинот на кој ќе ја водиме и ќе ја организираме лигата. На клубовите мора да им се даде поголема слобода, да управуваме сите заедно и да го реафирмираме магичниот збор – доверба. Без тоа засекогаш ќе останеме на Балканот, но оној претходен. Нема да го имаме тоа што го сакаме, реафирмација на ракометот во ова поднебје. Ние сме генетски врзани за овој спорт, и,  иако Германците и Скандинавците го измислија ракометот, вистински тој е роден на овие простори. Покојниот г. Винко Кандија кажа дека имаме голема дланка и огромни рамења и дека тоа го можат само Балканците. За да го промовираме, мораме да воспоставиме систем на доверба. Единствено врз основа на довербата можеме да создадеме подобра организација, каде сите ќе ја водат лигата и ќе бидат задоволни. Тоа се и публиката, играчите, судиите…“

Се почесто се зборува дека на ракометот му треба нешто ново. Во врска со тоа се зборува за временско ограничување на нападот. Каков е вашиот став?

“Апсолутно се сложувам. Ограничувањето на времетраењето на нападот би довело до промена во динамиката на играта. Би биле принудени на подобра стручна работа. Без разлика дали би биле 20, 25 или 30 секунди, тренерот и играчите би морале да покажат шта знаат, не би можело да се игра без идеја. Креативноста и иновативноста би дошле до израз, а без тоа нема напредок во ништо. Како што рече Ајнштајн, да се работи секогаш на ист начин е најдобар можен пат да погрешиш. Пат што води во пораз“.

Прочитано 4.484 пати

(9) Коментари

  1. Bravo Lino. Najdobriot trener na svetot.

  2. Se bi bilo polesno vo zivotot,koga sekoj si ja gleda svojata rabota ! Lino e tocno toa ,posveten na rabotata sto ja saka! Bravo!!!!!! Rezultatite doagaat! Cest e Makedonija ,sto ima trener od vakov kalibar ,sto dojde ovde,vo nasata mala,a golema Makedonia i primeni iskustvo ,originalnost i pred se davanje sansa na tie sto vredat ,a ne favoriziranje na tie sto ednostavno tolku mozat!Pokraj toa sto ste vrven trener,vie ste i golem covek! Im priredivte mnoguuuu ubavi momenti na mnoguuuuu Makedonci ,vo ova tesko vreme za moment da zaboravat na problemite i ubavo i gordo da se cuvstvuvaat sto se Makedonci!!!!!

  3. Dolzna pocie i celosna podrska za den i edinstven i nenadminliv rakometen starteg Lino Chervar

  4. Pokraj sto Lino Chervar e golem strucnjak e uste pogolem covek. Nacinot na koj raboti, razmisluva pokazuva deka ima golemo srce i pocit kon site i so negovata cesnost i iskrenost gi ponesuva site koi isto gi pravi da i tie bidat kako nego, taka da od svojot tim se dobivaat najdobrite osobini koi gi imaat igracite i strucniot stab.

    Bravo Lino.

  5. B R A V O . Za celata ekipa a pred se za trenerot.Odime do vrvot T H E B E S T . Liga shampioni.

  6. Bravo Lino.

  7. Lino e golema licnost i vrven poznavac na ovoj sport a,mi se cini treba da mu se dade i ogromno priznanie na onoj sto go donese nego kaj nas.Me cudi kako Hrvatska se odnesuva kon Cervar nedefinirano.Hrvatska za rakomet e svetska sila a mi se cini deka so Cervar bi bila neprikosnovena na sekoe prvenstvo.

    • Па беше Лино селектор на Хрватска и освои Олимпијада и Светско ако не се лажам. Тогаш урнаа и рекорди на гледаност на ХРТ ( повеќе од фудбалерите со Шукер и компанија против Бразил ) . И со него се однесуваат во Хрватска како легенда.
      Поздрав,

  8. Bravo! Samo napred! Metalurg e sampioooon! 😀

Напишете коментар


3 − 3 =