Топ Вести

Јагањац – новиот бомбардер на Металург

18.10.2017 14:11
18102017130000_web_metalurg_besiktas_ls_24_09_2017_-_janevska-ilieva__90_resize

Од риечкиот тим Козала, преку големиот Пари Сен Жермен, сезонава на младиот тим на Металург му се приклучи хрватскиот кадетски репрезентативец Халил Јагањац (19), кој со својата игра и борбеност во натпреварите на Металург во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Регионалната лига (РЛ) во целост го оправда епитетот „шутерско засилување“. Во петте кола во ЛШ Јагањац постигна 35 гола и е прв стрелец на Металург, а втор на листата стрелци во ЛШ, рамо до рамо со искусните Жига Млакар (27 години), Мате Лекаи (29), Уве Генсхајмер (31), Рамазан Доне (36)…

Цврст како карпа, без ниту еден ден сениорски ракомет во кариерата, 200 см високиот Јагањац, само по два меча во дресот на Металург, ги најави своите потенцијали и квалитети со играта во двата правци (напад-одбрана).

Неизмерно сум среќен и задоволен што дојдов во Металург и што со 19 години добив шанса да играм во двете најсилни ракометни натпреварувања, ЛШ и Регионалната лига, а, исто така, и од вниманието, советите и тренинзите што тука ги имам, преку кои се надградувам и напредувам. Особено сум задоволен од топлиот прием од сите во клубот, бидејќи се чувствувам како дома“, вели Јагањац.

Талентот на младиот бек претходно го имаше детектирано и францускиот гигант ПСЖ, во чии редови премина пред година и пол, како 17-годишник, но не доби вистинска шанса да го покаже својот потенцијал.

Со трансферот во ПСЖ ја научив најдобрата лекција во животот. Кога ја добив понудата си реков „ова е нешто што не се одбива, ова е остварување на сонот на секој млад ракометар“. Но по времето поминато таму и тоа што го имам тука, можноста да играм во ЛШ и РЛ, сметам дека Металург е најдобрата работа што ми се случила во досегашната кариера“, смета Јагањац.

Добрите игри на Јагањац во Металург и на Светското кадетско првенство во Грузија (во август годинава), каде што Хрватска го освои четвртото место, беа доволна причина тренерот на Металург и селектор на хрватската ракометна репрезентација, Лино Червар, повторно да го повика младиот бомбардер на подготовки со сениорската репрезентација на Хрватска за претстојното Европско првенство.

“Првиот повик за сениорската репрезентација на Хрватска го примив со голема возбуда и изненадување. Меѓутоа, кога повторно стигна повик, за следниот сениорски собир, пријатно се изненадив и вистински сум радосен што седум дена ќе тренирам заедно со најдобрите хрватски ракометари што играат во најголемите европски клубови. Ова е голема привилегија за мене и мотив за уште попосветена работа и тренинг“, рече Јагањац.

Тања Димитриоска, “Нова Македонија“.

Прочитано 1 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 3 = 1