Топ Вести

КУПОТ Е НАШ

16.05.2011 10:46
DSC_0049_resize

РК Металург е освојувач на Купот на Македонија за 2011 година. Ова е трета, една по друго, а четврта вкупно, титула во Купот на нашата земја. Во финалето е победена екипата на Пелистер со резултат 22:20, полувреме 10:14.

Финалниот натпревар беше еден од најтешките мечеви што нашиот тим го одигра во тековната сезона. Тежок беше и полуфиналниот, против Вардар. Поинаку и не може, бидејки за титулата одлучуваат само два натпревари, и во нив екипите влегуваат посебно мотивирани, и даваат повеќе него во други мечеви.

Металург, во финалната средба, влезе преморен, по полуфиналната војна со тимот на Вардар. Тоа се чуствуваше по движението на нашите ракометари, а се почуствува и во самата игра. За разлика од нас, Пелистер имаше полесен натпревар со Борец од Велес.

Првото полувреме го одигравме лошо, навистина лошо. Го загубивме. Ова е прво загубено полувреме, во мечевите против екипите од нашата земја, во тековната сезона. Иако имавме почетно водство, 0:1, 2:3 и 3:4, сепак Пелистер, понесен од својата еуфорична публика, е тимот кој го контролираше резултатот во текот на поголемиот дел од првото полувреме. Ние промашивме неколку седмерци, не реализиравме неколку зицери, направивме многу технички грешки. Тоа го искористи Пелистер, помина во водство, а набрзо создаде и алармантна предност, 10:7, 12:8 и 14:9. Овој дел заврши со резултат 14:10, за домашната екипа.

Во вториот дел, ситуацијата целосно се измени. Советите на Червар, за време на паузата, поангажирана игра од наша страна и слабата физичка подготвеност на ракометарите на Пелистер, го свртија натпреварот во наша корист. Набрзо фативме приклучок, 14:13, а потоа и израмнивме, 16:16. Од тој момент па до крајот на средбата, Металург го имаше резултатот и пехарот во свои раце. Ракометарите на Пелистер, на кои им честитаме за храбрата и пожртвувана игра, веќе немаа сили и почнаа да промашуваат од изгледни ситуации. Металург, физички многу посилен, го доби натпреварот со резултат 20:22. Преодниот пехар се врати таму каде што стои веќе две години, во Автокоманда, во нашите витрини.

Наумче Мојсовски е играч на натпреварот. Постигна 10 гола, скоро половина од нашиот скор. Веднаш до него е Младен Ракчевиќ, нашиот црногорски делија.

Не можеме, а да не ја прокоментираме организацијата на натпреварот, и однесувањето на битолската публика. Иако, барем до вчера, имавме коректни и пријателски односи со Пелистер, вчера бевме на непријателска територија. Бевме навредувани, постојано гаѓани со најразни предмети. На крајот од средбата врз нас падна каноната од запалки, шишиња и дури…и два тапана. Тоа не го очекувавме од нашите битолски пријатели, кои во Автокоманда се чуствуваат како дома.

Организаторот не заслужува преодна оценка. Почнувајки од тоа што дозволи, со микрофон, за време на натпреварот, да се навредуваат судиите, па преку стотиците фрлени предмети, во текот на целата средба. Безбедноста ја контролираше редовна полиција, наместо, за тоа обучените, специјалци. На крајот, плашејки се од инцидент, со голема брзина се раздадени пехарот и медалите, а вообичајните прогласувања на најдобар стрелец, играч и тн. се одложени и ќе се доделуваат во Скопје. Не ни дадоа шанса да му се израдуваме на заслужениот успех.

РК Пелистер: Божиновски, З.Димитровски 4, Недановски, Митевски 4, Зарков, Јанкуловски, Петровски 5, Трајковски, В.Димитровски, Лазаров 4, Шундовски, Ивановски, Везенковски 3, Поповски Митревски и Тоскоски.    Седмерци: 2/2.   Исклучувања: 14 минути.

РК Металург: Ангелов, Митревски, Кимевски, Ракчевиќ 3, Левов 2, Димовски, Георгиевски 1, Манасков, Миркуловски 2, Маркоски, З.Мојсоски 1, Н.Мојсовски 10, Стоилов, Стојчевски 2, Јоновски и Алушевски 1.    Седмерци: 7/11.     Исклучувања: 14 минути.

Судии: Ацо Николовски и Ѓоко Колевски од Скопје.

Делегат: Миле Најденовски од Скопје.

Контролор: Марјан Начевски.

Фотогалерија:

Прочитано 582 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


3 + 8 =