Топ Вести

ЛЕВЧЕ КИТЕВСКИ: ПРЕД НАС Е ТЕШКА, НО И ИНТЕРЕСНА СЕЗОНА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

24.09.2014 19:10
_DSC0210_resize

za tekst

Пред самиот почеток сме на новата сезона на Лигата на шампионите. Ни претстојат нови битки и нови можности за самодокажување, за зацврстување на нашите позиции во европскиот ракомет. За сите актуелности и за тоа што можеме да очекуваме во новата евросезона на Металург разговараме со претседателот на УО на Металург, Левче Китевски.

Пред почеток сме на новата сезона на ЛШ. Се разликува ли од претходните?

– Да, по многу нешта оваа сезона е единствена. Прво, нашите претходни резултати ни обезбедија директно учество во групната фаза на Лигата на шампионите, за разлика од претходните сезони, кога моравме да се пробиваме низ системот на квалификации. Второ, во групната фаза нѐ извлекуваа од вториот, фаворитски, барабан за разлика од претходните, кога бевме дел од последниот, шестиот барабан. Тоа кажува дека во Европа почнаа да нѐ ценат, да веруваат во нас. За нас тоа е пријатно чувство, но и обврзувачко. Создадениот рејтинг мора да се брани, па, по можност, и да се подобрува. Како трета разлика би ја навел промената на нашата концепција во поглед на ангажирањето нови ракометари. Ако претходните сезони се трудевме да ангажираме искусни и веќе докажани ракометари, овој пат тргнавме од спротивниот правец. Откако претходно извршивме сондирање на можните кандидати, се решивме да склучиме договори со неколку млади ракометари за кои сметавме дека пред себе имаат блескава иднина. Па, така, потпишавме со неколку суперталентирани ракометари од балканските простори, но и со таленти што ги создадовме во самиот Металург. Оваа концепција ќе биде долгогодишна и, веруваме, успешна.

Металург, барем во овој момент, заврши со засилувањето на својот состав. Сметате ли дека сега екипата е покриена на сите позиции?

– Според буџетот со кој располагаме, сметам дека сме адекватно покриени на сите позиции, при што е направен спој од младост, искуството и од квалитет. Имаме одлична екипа.

Како ја оценувате нашата група во ЛШ? Дали е потешка од претходните?

– Нашата група е една од најтешките, но и најинтересните. Ако минатата сезона имавме речиси загарантирано четврто место, поради јавниот аутсајдер Вакер Тун и финансиски разнишаниот Динамо Минск, оваа сезона ќе се води жестока битка за една од позициите што ќе водат во осминафиналето на Лигата на шампионите. Сега сме во група во која секој може да победи секого, иако некаква предност му се дава на тимот на Кил, а до некаде и на составот на Пари Сен Жермен. Како и да е, ние секако ќе се бориме за едно од местата што ќе нѐ сместат во елитниот Топ 16.

Против кои екипи ја гледате шансата на Металург и за кое место во групата реално ќе се бориме?

– Неблагодарно е да наведувам имиња, доволно е да кажам дека ќе се бориме за пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите, што е наша прва стратегиска цел. Секој понатамошен успех ќе биде бонус, кој само ќе го зголеми нашиот рејтинг и ќе ги потврди нашите вредности.

Металург има тежок распоред. Каде ја гледате најголемата опасност во воведните кола на ЛШ?

– Навистина немавме среќа со распоредот. Во првите четири кола дома ни доаѓаат Пари Сен Жермен и Кил, а гостуваме во Брест и во Загреб… Но ништо не е лесно во Лигата на шампионите, а ние на секоја средба ќе одиме на победа. Се надевам дека за пласманот во Топ 16 нема да мораме да чекаме до последното коло, туку ќе успееме да го обезбедиме многу порано.

Минатата година извојувавме неколку вредни победи. Какви се нашите шанси истото тоа да го повториме и оваа сезона?

– Во овој момент е прерано да даваме какви било прогнози, секоја победа е драга на свој начин, а јас се надевам дека и оваа сезона ќе имаме со што да ги израдуваме нашите верни навивачи.

Ќе биде ли СЦ „Борис Трајковски“ повторно преполн?

– Салата е веќе полна. Металург секоја година има сѐ повеќе следбеници и ние имаме своја публика, која е препознатлива, а нивната љубов кон клубот ја гледаме и преку брзата распродажба на постојниот капацитет на нашата најголема спортска сала. Ако пред две години продадовме 600 сезонски влезници, а минатата 2.700, тогаш со гордост објавувам дека оваа година стигнавме и до бројка од 4.000 блок-влезници. Можевме и повеќе, но сметавме дека мораме да имаме и поединечни влезници, за што повеќе наши навивачи да имаат можност да дојдат до вредното парче хартија и во живо да го бодрат својот омилен тим.

Ќе стори ли нешто Металург за уште повеќе да ја подобри соработката со своите навивачи?

Планираме повеќе изненадувања, но не би било коректно уште сега да ги објавуваме.

Ви благодариме за разговорот.

– Благодарам и јас.

Фото:

Прочитано 2.251 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 + 2 =