Топ Вести

Лино Червар: Ќе се обидеме да бидеме побрзи и поагресивни

29.08.2017 20:03
17022017102113_web_cervar

Задоволен сум од сработеното и од посветеноста на ракометарите во подготвителниот период, иако секогаш велам дека може и подобро. Одработивме квалитетна и напорна прва фаза во Маврово, потоа разигрувавме на турнирот во Струга, а изминативе седум дена, во завршната фаза во Охрид, најмногу внимание посветивме на техничко-тактичките варијанти на играта“, рече Лино Червар по враќањето од подготовките во Охрид.

Ракометарите на Металург го завршија подготвителниот циклус во пресрет на новата натпреварувачка сезона, која ќе започне во сабота (17.45 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје со дерби-дуелот од 1-то коло од Регионалната лига (РЛ) против градскиот ривал Вардар.

Во 30-дневните подготовки, покрај тренинзите за кондициска, психолошка и техничко-тактичка подготовка, младите металурзи одиграа и седум натпревари, од кои три на турнирот во Струга и четири во завршната фаза од подготовките во Охрид. Поразени беа само од француски Шартр, додека во сите други дуели прикажаа доминантна игра, забележувајќи шест победи над македонските суперлигаши.

Иако имавме само еден меѓународен дуел во текот на подготовките, задоволен сум од играта и формата на мојата екипа. Во овој период најважно е поставените задачи да се спроведуваат на дело. Секоја година се трудам да вметнам нешто ново во играта на Металург, било да станува збор за играта во одбрана или во напад. Па така, оваа сезона ќе се обидеме да играме малку побрзо и поагресивно за разлика од досега, се разбира во зависност од противниците, а во одредени ситуации повторно ќе ја користиме играта седум на шест“, истакна Червар.

Годинашната сезона во Лигата на шампиони за Металург ќе започне на 16 септември со гостински дуел кај главниот фаворит во групата Д, француски Монпелје, додека, пак, првиот меч од ЛШ пред домашната публика, младиот тим на Червар ќе го има на 24 септември (17 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, кога ќе му гостува турскиот првак Бешикташ.

Не сакам пред почетокот на сезоната да поставувам цели и амбиции. Јасно е дека победата ќе ни биде императив во секој меч и дека ќе се обидеме да го достигнеме и надминеме минатогодишното рамниште, но сепак, најважно од сѐ ми е тимот да е здрав и да има добри партии, борбена и мотивирана игра, а резултатите сами ќе дојдат“, додава Червар.

Прочитано 2 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − = 1