Топ Вести

Лино Червар: Повторно имаме најмлад тим во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите

31.08.2017 15:21
DAR_0058_resize_resize

Во пресрет на средбата од првото коло на СЕХА-лигата, Металург денеска одржа прес-конференција.

Покрај претседателот на Металург Зоран Цветановски, на располагање на новинарите беа шефот на стручниот штаб на Металург Лино Червар и ракометарите на Металург Филип Кузмановски и Халил Јагањац, најновото наше засилување.

Лино Червар: “Ја стартуваме сезоната со еден поинаков тим, ова е еден друг Металург, бидејќи сезоната ја почнуваме без Обрадовиќ, Младеновиќ, Вејин, Марчец и некои други. Ја сменивме структурата на тимот, пристигна Јагањац. Се обидовме да направиме рамнотежа во годишната возраст, така што повторно ќе имаме најмлада екипа во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите. На првиот тим му се приклучија Димитриовски, Танкоски, Шилегов и уште неколку млади ракометари. Констатиравме дека овие момци треба да играат што повеќе натпревари и ние ќе се обидеме да ги балансираме, да играат во регионалната лига, во домашното првенство, а по потреба и во Лигата на шампионите. Ги следевте натпреварите на младинската репрезентација, која постигна извонреден успех,па сакам да им честитам на сите мои играчи за успехот. Му честитав на селекторот на младата  репрезентација на Македонија, на сите оние кои работеле со овие млади момци. Мило ми е што се забележува работа со млади и во другите македонски клубови. Така се создава ривалство, со кое ќе се надигруваме, без да стекнуваме непријатели. Можам да кажам дека на СП во Алжир, Металург имаше дури 90% играчи во репрезентацијата од својата академија и мислам дека тое е единствен податок. Најблиску до нас беше унгарската репрезентација, со 65% играчи на Веспрем, но унгарскиотшампион е државен проект, а ние не сме.Во 2019 година Македонија ќе биде домаќин на Светско првенство за кадети, каде Металург повторно ќе има 90% играчи во репрезентацијата.

Што се однесува на мечот со Вардар, му честитам на нашиот ривал за освојувањето на Лигата на шампионите и секако дека е апсолутен фаворит. Ние ќе се потрудиме да покажеме дека имаме волја и желба да се спротивставиме. Ќе се обидеме со секоја должна почит кон противникот да се спротивставиме. Нема потреба да се трошат зборови за квалитетот на Вардар. Ние сме скромни, но амбициозни, и сакаме да покажеме дека вредиме. Мораме да бидеме борбени, концентрирани и да дадеме што повеќе можеме за тоа да биде квалитетен, фер и коректен натпревар“.

Филип Кузмановски: “Ја имаме честа сезоната да ја отвориме со европскиот првак. Добро работевме на подготовките и мислам дека сме подготвени. Ние сме еден млад тим, кој сака да се докажува и потребна ни е поддршка од публиката, за нови успеси и нови добри партии.

Халил Јагањац: “Сакам да ѝ се заблагодарам на управата на Металург што цело лето се обидуваше и успеа да ме доведе. Драго ми е што дојдов и сметам дека ова е една голема можност за мене, позитивен скок во мојата кариера. Ова е шанса да играм во две силни лиги, СЕХА-лигата и Лигата на шампионите, а со ваков стручњак како Лино, не може еден млад играч никаде да напредува повеќе отколку овде. За натпреварот против Вардар се надевам дека нашата екипа ќе биде борбена, пред се, а тоа е и најважно“.

Фото: Дарко Андоновски, “Нова Македонија“

Прочитано 1 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


1 + 1 =