Топ Вести

Лино Червар: Средбата со Бешикташ за нас е исклучително важна

21.09.2017 15:33
_DSC0241_resize

Денеска Металург одржа прес-конференција, по повод претстојната средба од второто коло на Лигата на шампионите, против екипата на турски Бешикташ.

Своите видувања за оваа средба ги дадоа тренерот на Металург Лино Червар и средниот бекот на нашиот клуб Дарко Димитриевски.

Лино Червар: “Натпреварот со Бешикташ во Лигата на шампионите за нас е исклучително важен. Анализирајќи ги претходните две средби, со Монпелје и со Војводина, можам да кажам дека имаше работи кои вредеа, но има и работи кои ќе мораме да ги поправиме. Претстојната средба е големо искушение за нашиот млад тим, очекувам тежок натпревар, па ние ќе мораме да бидеме максимално сконцентрирани и фокусирани. Нашите млади ракометари немаат доволно интернационално искуство, камо среќа годишно да имаме 30 такви натпревари како тој со Монпелје. Мораме да ја поправиме одбраната и да играме колективна игра. Добро менувавме во одбраната, игравме „5-1“, потоа „6-0“, па и една изразито длабока одбрана со „5-1“, но повеќе ни е потребна тимската игра, а помалку игра за самоистакнување. Можеме подобро во транзицијата, треба да го бараме најкусиот пат до голот, со само неколку додавања. Во Лигата на шампионите, ако не се искористи секоја шанса, секој зицер, тешко ќе успеете да победите. Оваа екипа е пред една пресвртница, немавме тешки натпревари и потребно е да созрее. Имаме таква ждрепка, од која нема одмор. Нема потреба да им правам притисок на ракометарите, тоа може да биде контрапродуктивно, но мислам дека имам право да барам повеќе. Бешикташ загуби од Спортинг во првото коло, тие имаат неколку истакнати играчи што подолго време се заедно. Имаат исклучително брза транзиција во играта, но, ако ние ги исправиме недостатоците во нашата игра, а воедно добиеме и поддршка од публиката, тогаш имаме шанси. Овој дуел ни е навистина важен и затоа ги повикуваме нашите навивачи да дојдат во што поголем број за да го оствариме најдобриот можен резултат.

Дарко Димитриевски: “Го видовме Бешикташ во Струга и знаеме со што располага, а ги и знаеме играчите. Имаме време да се одмориме и со добра игра да стигнеме до победа на овој натпревар. Во дуелот со Војводина имавме многу технички грешки, нереализирани зицери и пенали и потребно е сето тоа да го корегираме“

Фото:

Прочитано 309 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 1 = 8