Топ Вести

Македонија е шеста јуниорска ракометна велесила на светот

30.07.2017 16:35
20414058_2007263775966177_6494211092775400501_o

Македонија ја загуби битката за петтото место, но го постигна најголемиот репрезентативен успех на македонскиот ракомет на светските првенства. Нашата земја е шеста јуниорска ракометна велесила на светот и е пласирана пред такви европски гиганти како што се Норвешка, Хрватска, Словенија, Русија, Исланд, Шведска…, но и пред Катар, Тунис, Кореја и Бразил.

Македонија денеска немаше сили за освојување на петтото место. Имавме и посилен противник од вчера, но поголем беше и заморот од тешките натпревари одиграни во изминатите 13 дена. Да одиграат девет средби за 13 дена и да се постигнат одлични резултати можат само најдобрите на светот, а Македонија се најде токму во тоа друштво.

Во првата половина на првото полувреме имавме контрола врз резултатот. Водевме постојано, најмногу со два гола разлика во 9. минута, 6:4. Нашиот противник првпат мина во водство во 14. минута, кога поведе со 7:8. Се надевавме дека тоа ќе биде брзо надминато, но излезе дека Унгарија го сочува своето водство до рајот на средбата. Првото полувреме го загубивме со три гола разлика, 11:14.

По пет минути игра без голови во вториот дел, Танкоски намали на 12:14, но тоа како повеќе да делуваше на Унгарците, кои во следните три минути направија серија од 3:0, за највисоки +5, 12:17. Нашите ракометари до самиот крај се обидуваа да се вратат во игра, но најмногу се доближавме во 49. минута, кога Димитриоски намали на -2, 18:20. На крајот не напушти и среќата, бидејќи во решавачки моменти трипати ја погодивме стативата.

Наш најдобар поединец беше голманот Мартин Томовски, кој забележа дури 18 одбрани. Наш најдобар стрелец на оваа средба беше Марко Нелоски, со 6 постигнати гола.

Како и да е, Македонија оствари фантастичен резултат, а нацијата се увери дека нашиот ракомет има блескава иднина.

 

Македонија – Унгарија  22:26 (11:14)

Македонија: Томовски (18 одбрани), Даниловски (1 одбрана), Лазаревски, Димитриоски 1, Јагуриновски, Нелоски 6, Танкоски 4, Велковски 2, Шилегов 1, Петровски, Талески 4, Кузмановски 4, Крстевски, Џонов, Палевски и Арсеновски.   Седмерци: 0.   Исклучувања: 6 минути.

Прочитано 0 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − = 0