Македонската ракометна репрезентација пристигна во Загреб

11.01.2018 12:18
26731634_1386893578081475_2676791223324343765_n

Македонската ракометна репрезентација пристигна во Загреб, каде ќе ги игра натпреварите од групата “Ц“ во групната фаза на ЕП во Хрватска. Своите натпревари нашата репрезентација ќе ги игра во “Арена Загреб“, со капацитет од 15200 места.

Селекторот Раул Гонзалез со себе ги поведе следните 19-ет ракометари: Борко Ристовски, Никола Митревски, Златко Даскаловски, Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, Филип Талески, Филип Лазаров, Немања Прибак, Мартин Велковски, Филип Кузмановски, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Гоце Ојлески, Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Никола Маркоски, Аце Јоновски и Велко Марковски, но веќе утре, на техничкиот состанок, ќе мора да се реши со кои 16-ет ракометари ќе ја игра средбата со селекцијата на Словенија, која е наша прва средба на ова првенство.

Нашата репрезентација попладнево ќе го има својот за денеска единствен тренинг, додека утре ќе тренира двапати.

Првенството официјално почнува утре и ќе трае се до 28 јануари, а Македонија, како што е познато, ќе биде дел од групата “Ц“, заедно со селекциите на Словенија, Црна Гора и на Германија, која е и актуелен бранител на титулата освоена на ЕП 2016 во Полска. За Македонија ова е петто вкупно, а четврто едноподруго, учество на европските првенства.

Својот прв натпревар нашата репрезентација ќе го одигра на 13 јануари, а наш прв противник ќе биде селекцијата на Словенија. Два дена подоцна играме со Црна Гора, а на 17 јануари ќе го играме и последниот натпревар во групната фаза, а противник ќе ни биде Германија.

Македонија на средбата со Словенија ќе ја има поддршката на околу 2000 македонски навивачи, па се смета дека популарната “Фаланга“ и на ова првенство ќе има значајна улога.

Прочитано 765 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 1 = 3