Топ Вести

Мартин Томовски: Тренингот и менталната подготовка се најважни

17.10.2017 13:44
14102017170705_web_martin-tomovski-metalurg_resize

Повеќегодишната политика на македонскиот вицепрвак Металург за вложување во својата ракометна младина, за еден ден тие млади ракометари да го облечат првотимскиот дрес и да заиграат значајна улога на големата ракометна сцена, доби уште една потврда сезонава, особено викендов, во мечот од 5-то коло од Лигата на шампионите, кога беше надигран рускиот првак Чеховски Медведи.

На паркетот во спортскиот комплекс „Олимписки“ во Чехов, Металург ја претстави својата младост, својата иднина, својата работа и квалитет олицетворена во голобрадите момчиња, кои во ниеден момент не потклекнаа пред рускиот првак, туку од минута на минута ја демострираа својата тинејџерска доминација.

Мечот го обележи голманот Мартин Томовски (20), кој со своите бравурозни одбрани од минута на минута ја кршеше самодовербата на руските ракометари и беше една од главните алки во првата гостинска победа на Металург сезонава.

Големо е задоволството од секој добиен меч, но особено се значајни победите на гости, бидејќи секој домаќин сам по себе е фаворит, без разлика на квалитетот и составот со кој располага. Среќен сум што заедно со моите соиграчи остваривме уште една значајна победа за нас и пред сѐ што покажавме добра игра, борбеност и цврстина, одлики што ги имаат само големите тимови“, вели Томовски.

Јуниорскиот репрезентативец пред две сезони стана дел од првата екипа и оттогаш позитивно изненадува со своите голмански квалитети, кои речиси секогаш доаѓаат во вистински момент, кога неговиот колега Дарко Арсиќ, а претходно и Даниел Дупјечанец ќе немаа добар ден на голот на Металург. Томовски одбрани два одлучувачки седмерци во дуелот со Мотор во 4-то коло, а покрај многубројните одбрани во мечот со Чеховски, тој повторно запре три седмерци.

Кога сум на клупата и кога ја чекам својата шанса се трудам да бидам смирен и концентриран, за доколку има потреба, да застанам на голот и да можам да го дадам максимумот за мојот тим. Притисокот е најголем кога натпреварот е изедначен и кога секоја загубена топка и секој примен гол можат да значат многу. Но посебно е чувството кога ќе застанеш очи во очи со противникот на седмерец и кога ќе излезеш како победник во тој дуел“, кажа Томовски.

Томовски е само еден од низата млади ракомети што од меч во меч блеснуваат на ракометното небо во Европа, во целост оправдувајќи ја определбата на Металург за вложување во сопствени сили, кои треба да бидат носители и на играта на клубот, но и на репрезентацијата во иднина.

Покрај одличните партии на голот на Металург сезонава во ЛШ и во Регионалната лига, Томовски имаше значајна улога и во историскиот успех на јуниорската репрезентација на Македонија, која на Светското првенство во Алжир во јули годинава го освои шестото место.

Најголемото искуство се натпреварите, а за секој од нив посебно се подготвувам. Пред секој натпревар ги анализирам противничките играчи. Гледам нивни видеоснимки за секој играч посебно, потоа се консултирам со Дарко Арсиќ и со тренерот Петар Мисовски за да ги донесеме најдобрите заклучоци и анализи пред мечот. Исто така, во секој меч многу важна ни е и соработката со одбраната, која е различна речиси за секој натпревар. Тоа зависи од типот на противничките играчи, од тоа дали се шутери или не, кој играч да се блокира, а кој да се остави да шутира и слично. Сепак, тренингот и менталната подготовка се најважни за секој играч, бидејќи само така може да се стигне до посакуваната цел, вели Мартин Томовски, додавајќи дека советите, соработката и критиките со колегата Арсиќ и со тренерот на голманите Мисовски му се од многу голема помош за секој меч.

Тања Димитриоска, “Нова Македонија“.

Прочитано 0 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


3 + = 10