Топ Вести

Металург ги скроти “мечките“ од Чехово

14.10.2017 16:22
GIL_8768_resize_resize

Во извонреден натпревар, ракометарите на Металург извојуваа победа во Чехово, каде го совладаа тимот на Чеховски Медведи, со резултат 32:26 (15:15). Ова е прва победа на нашиот тим во Чехово, каде денеска го одигравме вкупно третиот натпревар. Истовремено, ова е засега највисокиот пораз на Чеховски Медведи на домашен терен во тековната сезона, иако овде сезонава гостуваа и Монпелје и Бешикташ.

Металург одигра одличен натпревар, како во нападот, така и во одбраната, и имаше најпостојана игра во досегашниот тек на сезоната, со минимален период на криза од која излеговме со величествена серија од 6:0.

Првото полувреме мина во рамноправна игра, со тоа што Металург имаше предност во првата половина, а нашиот противник во втората половина од овој прв период од играта. Нашиот тим водеше се до резултат 7:6, за потоа Чеховски Медведи да го преземат водството, кое на моменти беше изразено со два гола разлика. Се чини дека клучниот момент во овој дел од играта, па и на натпреварот, беше влегувањето на нашиот млад голман Мартин Томовски, кој влезе во 23. минута и кој за само четири минути одбрани четири удари, од кои и два седмерци. Томовски до крајот на средбата забележа дури дури 11 одбрани, меѓу кои и три седмерци. Токму неговите одбрани му дозволија на Металург да ја анулира предноста на противникот и на одмор да оди со израмнети 15:15.

Единствениот кризен момент нашиот тим го имаше на почетокот на второто полувреме, кога противникот повторно стекна позитива од два гола, а имаше и идеална можност да зголеми на +3. Но, ударот од седум метри го одбрани Томовски и тоа стана иницијална каписла за серија на Металург од 6:0, со која нашите ракометари целосно го разбија противникот. Во тие моменти Металург одигра перфектно во одбраната, па домашниот тим скоро и да немаше чиста можност за прецизна реализација. Сето тоа внесе нервоза кај ракометарите на Чеховски Медведи, кои се почесто грешеа, а Металург сето тоа го искористи и ја наполни мрежата на противникот. Особено значаен на оваа средба беше учинокот на нашите двајца најмлади ракометари, Мартин Серафимов (17) и Марио Танкоски (19), кои постигнаа по три гола.

Искусниот стратег на домашните, Владимир Максимов, кој денеска наполни 72 години, за што искрено му честитаме, не можеше да го скрие своето разочарување и со чести замени се обидуваше да го врати својот тим во игра. Но, Металург не дозволи да загуби нови бодови, по киксот од минатиот натпревар, кога на Мотор Запорожје му дозволивме да ни откине еден бод во самата завршница. Од две далечни гостувања Металург се враќа со три освоени бода, па сега ги има вкупно пет. Ако не ни се случеше киксот од првото коло, кога ја загубивме домашната средба против тимот на Бешикташ, Металург сега ќе имаше седум бода и цврсто ќе го држеше второто место, веднаш зад неприкосновениот Монпелје.

Мечот во Чехово беше јубилеен, стоти, натпревар на Металург во Лигата на шампионите. Во нив забележавме 43 победи, имвме 7 нерешени резултати, а запишавме и 50 порази.

Нови бодови Металург може да освои веќе во наредното шесто коло, кога во Скопје ќе го пречекаме тимот на Чеховски Медведи. Оваа средба се игра на 5 ноември.

.

Чеховски Медведи – Металург 26:32 (15:15)

Чеховски Медведи: Андреев 2, Болотин, Џемин, Фуртцов, Грушко, Карлов 1, Корнев 3, А. Котов 2, К.Котов 1, Куретков 5, Маслеников 4, Осташченко 1, Павленко, Санталов 6, Шарков 1 и Василев.   Седмерци: 6/9.   Исклучувања: 6 минути.

Металург: Арсиќ (3 одбрани), Томовски (8 одбрани + 3 седмерци), Анџелиќ 4, Арсеновски, Димитриевски, Гуглета 1, Илиќ 4, Јагањац 9, Палевски, Пешевски 6, Петров, Серафимов 3, Танкоски 3, Токиќ 1 и Велковски 1.    Седмерци: 2/3.   Исклучувања: 8 минути.

Прочитано 46 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 6 = 3