Топ Вести

Металург ги загуби бодовите против Бешикташ

24.09.2017 19:45
GIL_7549_resize

Металург ја загуби средбата од второто коло во Лигата на шампионите. Денеска подобри од нас беа ракометарите на Бешикташ, кои извојуваа победа со резултат 27:31 (14:14).

Металург силно ги посакуваше бодовите од оваа средба, но изгоре во својата желба. Од самиот почеток натпреварот тргна во погрешна насока. Неколку наши нереализирани напади, промашени седмерци и ефектни одбрани на противничкиот голман, Египјанецот Хендави, му донесоа комотно водство на Бешикташ уште во почетната фаза на средбата. Своето водство, кое на моменти изнесуваше и четири гола, Бешикташ го одржуваше во текот на целото прво полувреме. Металург блесна само во последните неколку минути, кога успеа да направи мини серија од 3:0, за израмнети 14:14 по првите 30 минути.

Вториот дел почна во знакот на Металург. Нашите ракометари конечно заиграа според очекувањата, па го забележавме и првото водство. Во следните десетина минути Металург одржуваше минимално водство (нашето највисоко водство изнесуваше два гола), па, за момент се понадевавме дека кризата е надмината. Но, следеше нов период на грешки, повторно имавме проблем со реализацијата, и повторно му дозволивме на противникот да создаде водство од пет гола. Овој пат Металург немаше ниту сили, ниту време да се врати во игра, па победата сосема заслужено му припадна на противникот.

За жал денеска немавме поддршка од нашите голмани. Дарко Арсиќ својата прва одбрана ја забележа дури во 34. минута, а натпреварот го заврши со само 4 одбранети удари. Томовски бранеше кратко и не одбрани ниту еден удар. За разлика од нашите, голманите на Бешикташ забележаа солидни 13 одбрани, па веројатно ова е една од најголемите причини за загубените два бода.

Единствената светла точка во нашиот тим беше Халил Јагањац, кој полека се етаблира во најдобар играч и стрелец на Металург, а денеска средбата ја заврши со 9 постигнати гола.

.

Металург – Бешикташ  27:31 (14:14)

Металург: Арсиќ (4 одбрани), Томовски, Анџелиќ, Димитриевски, Дрогришки, Гуглета 3, Илиќ 4, Јагањац 9, Кузмановски 4, Лапајне, Палевски 3, Пешевски, Петров, Танкоски 1, Токиќ и Велковски 1.    Седмерци: 3/6.   Исклучувања: 2 минути.

Бешикташ: Хендави (10 одбрани + 3 седмерци), Буљубашиќ, Демирезен, Доне 7, Ерсин, Гунај, Каратај, Кесер, Крсманчиќ 3, Нуиќ 7, Озбахар 4, Прибак 6, Радојковиќ 2, Томиќ и Вражалиќ 2.   Седмерци: 4/4.   Исклучувања: 4 минути.

Прочитано 434 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


8 + 1 =