Металург го надигра Татран и ја прекина црната серија

29.11.2017 00:04
_DSC0206_resize

Металург денеска го совлада второпласираниот тим во СЕХА-лигата и ја прекина серијата на порази. Без разлика што средбата заврши со минимална победа на нашиот тим, Металург одигра одличен натпревар и целосно го надигра словачкиот шампион.

Металург денеска водеше во текот на сите 60 минути и апсолутно заслужено ги прокнижи трите бода од оваа средба.

Рамноправен овој натпревар беше само во првите десетина минути, кога се играше гол за гол, а потоа иницијативата комплетно мина на страната на Металург, кој постепено изгради комотна разлика од 5 гола, со колку што заврши првото полувреме, 18:13.

Првата половина од вториот дел го покажа целиот сјај на младиот тим на Металург. За само 15 минути нашите ракометари целосно го разбија Татран и поведоа со денеска максималните +11 гола, 26:15. Истата разлика ја имавме и во 47. минута, кога беше 28:17.

Кога се чинеше дека Металург ќе го декласира својот противник, се случи неочекуваното. Металург, задоволен од високото водство, заигра индивидуално, со очигледна желба на поединците да постигнат што поефектен гол, заборавајќи при тоа и на одбраната и на колективниот напад. Сето тоа резултираше со драма и со голем резултатски пресврт. За само 13 минути Татран успеа да ја намали разликата за десет гола и да се најде на само чекор од вистинска сензација. Сепак, Металург ја заслужи победата и се друго би било неправда, што на прес-конференцијата го призна и тренерот на Татран Славко Голужа.

.

Металург – Татран Прешов  31:30 (18:13)

Металург: Арсиќ (8 одбрани), Томовски (1 одбрана + 3 седмерци), Даниловски, Петров, Јагањац 9, Токиќ 5, Танкоски, Серафимов, Кузмановски 5, Анџелиќ 4, Велковски 3, Пешевски 5, Палевски, Гуглета, Димитриевски и Лазаревски.   Седмерци: 4/5.    Исклучувања: 4 минути.

Татран Прешов: Цвитковиќ (7 одбрани), Чуприна (1 одбрана), Хрстка 3, Лапајне 2, Крок 3, Рецичар, Криж, Урбан 2, Пекар, Чип 3, Вучко 2, Буторац 11, Касал 2, Чарапкин и Бабиќ 2.    Седмерци: 3/6.    Исклучувања: 2 минути.

Прочитано 627 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 − 2 =