Топ Вести

МЕТАЛУРГ ГО СОПРЕ ВАРДАР ПРО ВО ПОЛУФИНАЛЕТО

14.05.2011 22:16
DSC_0331_resize

Четвртиот меѓусебен натпревар, меѓу Металург и Вардар, не донесе ништо ново. Металург прокнижи уште една победа, Вардар уште еднаш ја наведна главата. Двете екипи, во натпреварот, влегоа со свои калкулации. Нашата, да ја одбраниме двојната круна, онаа на Вардар, да ја спаси сезоната со освојување на Купот, и, евентуална, победа во последната средба од првенството на заминување. Ако го додадеа и лесно стекнатото европско полуфинале, Вардар ќе се самопрогласеше за најуспешна машка ракометна екипа. Како што обично бива кога желбите се поголеми од реалните можности, така и Вардар не е најуспешна ракометна екипа. Без разлика на утрешната финална средба, во која секако очекуваме победа, Металург е тимот што ја обележа сезоната во македонскиот ракомет.

Зачестените победи на нашиот тим се голем удар по егото на Вардар. Испаѓа дека Вардар по ништо не се разликува од другите екипи во лигата, можеби само по тоа што губи со помала разлика од нив. Доаѓањето на Веселин Вујовиќ, третиот нивен тренер сезонава, нити смени, нити можеше да смени било што. Металург, годинава, е непобедлив и од тоа нема бегање. Вардар, за неколку дена, ќе ја има својата последна шанса. Ако го загуби и тој натпревар, а ќе го загуби, тогаш во нивната клупска историја ќе мораат, покрај  на успешни, да се сеќаваат и на вакви, катастрофални сезони..

Тоа што мораме да им го признаеме е дека на денешната средба влегоа многу мотивирани. Се осеќаше дека горат од желба за успех, беа невообичаено борбени. Средбата беше тешка, беше неизвесна до самиот крај. Вардар поведе со 2:0, ние вративме со серија од 4:0. Ние водевме во остатокот од првото полувреме, а го завршивме со резултат 10:8, Вардар поведе на почетокот од второто,12:13. И покрај се, “конците“ беа во наши раце. Освен наведените две водства, и уште неколку израмнувања, ние бевме тимот кој го контролираше резултатот. Затоа и победивме.

На самиот почеток, останавме без Веле Маркоски, главната наша одбранбена алка. Доби црвен картон, се чини престрого досуден. Такви фаули имаше и пред, и после неговото исклучување. Судиите веројатно подлегнаа на една од, денес, честите симулации на поедини вардарови ракометари кои, како покосени, паѓаа и тогаш кога во близина немавме ракометар. Тоа е и нашата единствена замерка кон противничките играчи.

Металург играше стандардно добро. Можеби, фалеа головите на Миркуловски и Ракчевиќ, за да победиме со просекот со кој, оваа година, го победуваме Вардар. Не е важно, победа е победа. Тоа што ги израдува сите во Металург е феноменалната игра на нашата младина, крилата Георгиевски – Манасков. Постигнаа 7 гола, во моменти кога дрхтеа рацете и на многу поискусните ракометари, од обата тима.

Натпреварот со Вардар е зад нас. Во утрешното финале не очекува домашниот Пелистер. И покрај огромната почит кон противникот, се освен наша победа ќе биде невидена сензација.

РК Металург – РК Вардар ПРО  26:23  (10:8)

РК Металург: Ангелов, Митревски, Кимевски, Ракчевиќ 1, Левов 1, Димовски 3, Георгиевски 3, Манасков 4, Миркуловски, Марковски, З.Мојсоски 2, Н.Мојсовски 4, Стоилов, Стојчевски 4, Јоновски и Алушевски 4.     Седмерци: 3/5.   Исклучувања: 12 минути.   Црвен картон: Маркоски 7 минута.

РК Вардар ПРО: Ристевски, Даскаловски, Грбовиќ 3, Олевски 1, Марковски 1, Јанев, Суџум 4, Пејовиќ 3, Куковски, Продановиќ, Надовеза 2, Јокиќ 1, Чурувија 8, Мркичевиќ, Чантурија и Ордев.         Седмерци: 7/8.      Исклучувања: 14 минути.     Црвен картон: Мркичевиќ, поради трето исклучување.

Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје.

Делегат: Драган Начевски од Скопје.

Контролор: Камер Металари од Скопје.

                                                     0:2, 4:2, 6:3, 8:7, 10:8–12:13, 16:14, 20:17, 23:19,26:23

Фотогалерија:

Прочитано 1.472 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 7 = 9