Топ Вести

Металург изгоре во желбата за победа

03.12.2016 20:32
AND_0359_resize

Металург за жал ја загуби битката за второто место во групата “Ц“, откако е поразен во Логроњо од Ла Риоха, со резултат 25:31 (14:16).

Металург беше апсолутно рамноправен во три четвртини од средбата, но осумте минути без постигнат гол во второто полувреме беа решавачки бодовите да и припаднат на домашната екипа.

За жал, овој пат киксираше нашата одбрана, која им дозволи на противничките играчи лесно да ги реализираат своите шанси, а тука треба да се додаде и неочекувано големиот број на примени голови во празната мрежа на нашиот тим. На висина на задачата не беа и нашите голмани, кои вкупно одбранија 8 удари, за разлика од голманот на Ла Риоха Капелин, кој одбрани 18 удари, а постигна и три гола.

Во првото полувреме се водеше жестока битка во која водството постојано беше во посед на играчите на Ла Риоха, но и Металург наоѓаше начин да му “дише во вратот“ на домашниот состав. Во 20. минута Ла Риоха поведе со убедливи 4 гола разлика, 12:8, но на тоа Металург врати со своја серија од 5:1, за 13:13. Сепак, ова полувреме му припадна на тимот на Ла Риоха, со резултат 16:14.

Металург одлично го почна второто полувреме и во 34. минута израмни на 17:17, а потоа и на 19:19. Нашите ракометари имаа три едноподруго напади за свое прво водство, но не успеаа да ја затресат мрежата на Ла Риоха, а нашиот осумминутен пост беше казнет со серија на Ла Риоха од дури 6:0, 25:19, што го навести крајот на сите наши надежи. Металург потоа се созеде и рамноправно ги заврши последните 6,7 минути, но разликата од 6 гола остана до самиот финиш.

Металург на оваа средба настапи без дури шестмина повредени ракометари, чие присуство секако ќе ја променеше сликата на теренот. Особено недостасуваше Филип Кузмановски, кој сигурно можеше да го надокнади лошиот ден на Филип Талески, кој погоди трипати од дури десет обиди.

На Металург сега му преостана уште натпреварот од последното, десетто, коло против Чеховски Медведи во Скопје, во кој ќе се обиде да дојде до третата позиција во својата група.

Ла Риоха – Металург  31: 25 (16:14)

Ла Риоха: Капелин (18 одбрани) 3, Санчез, Рокас 2, Пецина, Монторо 1, Агинагалде Акизу, Хименез 3, Виго 1, Гарабаја 1, Молина 1, Инуе 2, Муњоз, Фернандез 10, Гарциандиа 4, Ромео Лопез и Хишам 3.   Седмерци: 2/3.   Исклучувања: 6 минути.

Металург: Арсиќ (7 одбрани), Томовски, Дупјачанец (1 одбрана), Петров, Дрогришки 2, Костески, Обрадовиќ 6, Илиќ 7, Печенковски, Крстевски, Талески 3, Велковски 2, Пешевски 3, Палевски, Арсеновски и Гуглета 2.   Седмерци: 2/2.   Исклучувања: 6 минути.

Тек на средбата: 1:0 2’, 1:1 3’, 3:1 5’, 3:3 6’, 4:4 7’, 5:5 9’, 7:5 11’, 9:6 16’, 12:8 20’, 12:10 22’, 13:13 26’, 16:14 — 16:15 31’, 17:17 34’, 19:19 39’, 25:19 47’, 25:20 48’, 27:20 50’, 28:21 55’, 28:23 57’, 31:25 60′.

Прочитано 6.899 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 1 = 2