Топ Вести

Металург ја загуби средбата со францускиот Шартр

13.08.2017 22:09
13082017_DSC0037_resize

Металург денеска го одигра својот прв натпревар во новата сезона, а за противник ја имаше силната француска екипа Шартр. Оваа средба, во рамките на второто коло на меѓународниот турнир “Струга 2017“, многумина ја видоа како финале пред финалето. Шартр е бранител на трофејот, а Металург се сметаше за еден од најсериозните кандидати за освојување на првото место на овој традиционален турнир. За жал, оваа средба ја загубивме, со убедливи  22:28, па ни преостанува борбата за третото место, каде за противник ќе го имаме победникот од утрешната средба Охрид – Алингсас.

Металург денеска одигра лошо прво полувреме и очајна последна четвртина од средбата. Кај нашите ракометари се почувствува дека се дојдени по напорните висински подготовки и денеска играа со навистина “тешки нозе“.

Шартр релативно лесно дојде до осетна предност од три гола, 3:0 и 4:1, и во првото полувреме беше екипата што го диктираше темпото. Металург имаше лоша почетна реализација во нападот, имаше многу пропусти во одбраната, а и Арсиќ не беа на висина на својата задача. Крајот на првото полувреме го дочекавме со негатива од дури 5 гола, 12:17.

Првата половина од второто полувреме е единствениот период што го одигравме онака како што треба и како што посакуваме. Во првите 16 минути од овој дел целосно го надигравме противникот, па во 45. минута комплетно ја анулиравме негативата, 21:21, а веќе во следната го забележавме и првото водство, 22:21. Металург играше одлично во одбраната и прецизно во нападот.

Но, кога тоа најмалку го очекувавме, кога помисливме дека конечно најдовме решение за играта на противникот, се случи неверојатен пад во играта на нашиот тим, кој до крајот на средбата, значи во следните 14 минути, не постигна ниту еден гол, а прими дури седум. Во овој период промашивме три едноподруго седмерци, направивме десетина технички грешки, заработивме четири исклучувања и целосно попуштивме во одбраната.

Металург не успеа да му се реваншира на Шартр, по поразот во ланското финале на турнирот во Струга. Да потсетиме, минатата година финалната средба заврши со резултат 22:22, но Шартр беше поуспешен во изведувањето на седмерците, па не совлада со конечни 23:26.

Денешниот пораз е заслужен и непријатен, но не е и загрижувачки, бидејќи сепак се работи за прва средба во сезоната. Екипата е доста изменета во однос на минатата сезона и и претстои период кога треба да се воигра и да го фати вистинскиот натпреварувачки ритам.

 

Металург – Шартр  22:28 (12:17)

Металург: Арсиќ, Томовски, Петров, Дрогришки, Лапајне, Димитриоски, Токиќ 1, Шилегов, Танкоски, Димитриевски 1, Кузмановски 3, Илиќ 2, Анџелиќ 7, Велковски 1, Пешевски 5, Палевски, Гуглета 2 и Арсеновски.    Седмерци: 3/7.    Исклучувања: 12 минути.

Прочитано 2.442 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


8 − = 1