Топ Вести

Металург ќе се обиде повторно да го изненади фаворизираниот Вардар

11.05.2017 20:16
MJI_3090_resize

Ракометарите на Металург вечерва (20.30 часот, пренос на ТВ Телма), во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе му гостуваат на учесникот на годинешниот фајналфор во Лигата на шампионите Вардар, во реванш-мечот од 6-то коло од плејоф-завршницата во Суперлигата, меч во кој, со оглед на квалитетите на двете екипи, ќе се одлучува за шампионската титула.

Металурзите во реваншот ќе влезат со позитива од три гола стекната од првиот дуел во „Автокоманда“, кој го добија со 29-26 (15-13), по одличната и компактна игра во одбраната, како и ефикасноста на напаѓачката формација седум на шест. За да стигне до шампионската титула, на Металург му одговара и нерешен исход, пораз од два гола, како и пораз од три гола, но доколку не прими повеќе од 26 погодоци.

Очекувам многу помотивирана и поцврста игра на вардарци наспроти онаа што ја прикажаа во првиот меч. Располагаат со исклучително квалитетни и искусни играчи на сите позиции и не случајно се во завршницата на фајналфорот во ЛШ. Меѓутоа, токму тој нивни квалитет и успех ќе бидат мотив повеќе за нашиот млад тим да одигра уште еден борбен и цврст натпревар, во кој ќе се потруди достојно да му контрира во секој сегмент од играта“, вели Лино Червар.

Во првиот меч во „Автокоманда“ иницијативата и контролата над резултатот речиси цело време беа во рацете на Металург, кој резултатски ги доби и првото и второто полувреме. Црвено-црните во првиот дел во осум наврати имаа предност од еден гол, а во второто само еднаш, додека, пак, металурзите предводени од Немања Обрадовиќ (десет гола) и Вања Илиќ (седум) во шест наврати имаа предност од три гола, а во финишот на средбата и четири (29-25), додека, пак, резултатот беше 14 пати израмнуван.

Во досегашниот тек од сезоната, Обрадовиќ со 44 и Илиќ со 23 гола се најефикасни во сино-белиот состав.

Прочитано 2.449 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − 5 =