Топ Вести

Металург се засили на деснокрилната позиција

14.07.2017 21:24
14600839_1391823357517833_74741273073993102_n

Откако Никола Костески пројави амбиции за интернационална кариера и не се договори со нашиот клуб, Металург побара и најде квалитетен ракометар на таа деснокрилна позиција. Се работи за Анте Токиќ (23 г., 190 см, 86 кг.), кој е млад и перспективен ракометар од Хрватска. Токиќ досега настапувал за екипата на Вараждин, поранешен е кадетски и младински репрезентативец на својата земја, а од оваа сезона е и дел од сениорската репрезентација на Хрватска, во која за позицијата десно крило конкурира со далеку поискусните Златко Хорват и Иван Чупиќ.

Токиќ со Металург договори двегодишна соработка, а како причини за доаѓањето во нашиот клуб ги наведе желбата за свој понатамошен развој, играњето во силни лиги во кои настапува Металург и секако присуството на Лино Червар, од кого Токиќ има желба да учи.

Металург е големо име во европскиот клупски ракомет и долги години е дел од Лигата на шампионите. Тоа е тим што никогаш не се предава, па така Металург во минатата сезона беше еден од ретките што успеале да го поразат Вардар, а тоа многу кажува за карактерот на мојот нов клуб. Во Металург дојдов за да направам чекор напред во мојата спортска кариера, а особено задоволство ми претставува можноста да заиграм во две исклучително силни лиги, какви што се Лигата на шампионите и СЕХА-лигата. Но, една од најважните причини за моето доаѓање во Скопје е Лино Червар, од кого во следните две сезони очекувам да научам многу за спортот со кој се занимавам“, изјави Токиќ за нашиот сајт.

Покрај Анте Токиќ, на позиција десно крило Металург го има и Александар Гуглета, но и младинскиот репрезентативец на Македонија Мице Шилегов, кој дојде од редовите на Металург 2 и кој допрва ќе стекнува искуство во елитниот ракомет.

Прочитано 5.540 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


3 + 4 =