Топ Вести

МИРОСЛАВ КОЦИЌ: ЗА МЕНЕ Е ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ДА БИДАМ ДЕЛ ОД ТИМОТ НА МЕТАЛУРГ

04.07.2014 18:56
5_resize_resize

za tekst

Мирослав Коциќ е новото засилување на Металург на голманската позиција и доаѓа како замена за Раде Мијатовиќ, кој кариерата ја продолжи во Унгарија. Коциќ е еден од најдобрите голмани во СЕХА-лигата и е репрезентативец на Србија. Заедно со Дарко Станиќ и со Никола Митревски, ќе го сочинува триото на голот на македонскиот шампион.

На Мирослав Коциќ му поставивме неколку прашања на кои тој љубезно одговори.

Ако не се смета едногодишниот престој во Терамо (Италија) и краткото учество во азијската Лига на шампиони, договорот со Металург е твоето прво посериозно интернационално искуство. Дали претходно не си има можност или, пак, не си бил заинтересиран за настап надвор од Србија ?

– Да, јас една година настапував во Италија, но видов дека таа лига не е по моја мера и се вратив во Србија. После тоа не сакав да одам во странство по секоја цена, туку ја чекав вистинската шанса. Токму таква е можноста да заиграм во Металург и јас не се двоумев.

Настап за екипа која учествува во Лигата на шампионие е добар мотив за секого. Но, дали е тоа единствената причина што те натера да ја прифатиш поканата на Металург ?

– Секако дека настапот во Лигата на шампионите е една од причините поради која ја прифатив понудата на Металург, но таа не е и единствена. За мене е голем предизвик да бидам дел од Металург, кој е еден од најдобро организираните клубови во регионот, и да тренирам и работам со тренер каков што е Лино Червар. Тоа е искуство што го посакува секој ракометар од просторите на поранешната заедничка држава.

Во Металург брани еден од најдобрите голмани на светот, Дарко Станиќ. Ти преставува ли тоа психолошки товар, особено што ти беше неприкосновен на голот на твојата досегашна екипа, Војводина ?

– Да, мојата улога во Металург ќе биде поинаква од таа што ја имав во Војводина, но, нема да ми биде товар, дури сметам ќе ми биде многу полесно покрај Дарко. Сезоната е многу долга и ќе има многу натпревари. Ќе има место и време за секој од нас тројца. Најважно е да бидеме тим и да работиме за доброто на Металург. Нема да броиме минути, многу е поважно да бидеме вистински, кога ќе застанеме на голот.

Ракометот во Македонија има поинаква димензија од таа во Србија. Овде секој, кој поседува квалитет, брзо станува миленик на навивачите и медиумска ѕвезда. Подготвен ли си да ги освоиш срцата на навивачите на Металург ?

– Знам дека ракометот е најпопуларен спорт во Македонија и дека медиумски е многу експлоатиран. Сето тоа посебно ме радува и јас секако дека ќе се обидам да оставам што подобар впечаток, на теренот и надвор од него, и ќе се трудам да ги освојам симпатиите на нашите фанови.

Чувствуваш ли трема пред твојот дебитански настап во Лигата на шампионите, кое е исклучително тешко и одговорно натпреварување, каде секоја грешка скапо се плаќа ?

– Навистина немам трема. Морам да признам дека со големо нетрпение ги чекам првите натпревари и особено сакам да го почувствувам амбиентот кога Металург ги игра натпреварите дома. Многу сум слушал, а сега ќе имам можност тоа и да го доживеам.

Според тебе, какви се шансите на Металург во групната фаза и после тоа ?

– Групата е многу добра и не чека интересна сезона. Сметам дека Металург, заедно со екипите на Кил и на Пари Сен Жермен, е главен фаворит за пласман во осминафиналната фаза, а се после тоа е одличен успех.

Нераскинлив дел од сезоната се дерби-средбите со екипата на Вардар, кои ги има неколку во сезоната и за кои живее македонската ракометна јавност. Колку знаеш за тоа дерби и дали те радува што ќе бидеш учесник на некои од тие средби ?

– Знам дека средбите со Вардар претставуваат едно од најголемите ракометни дербија во Европа. Знам дека се полни со спортски набој и дека екипите со недели се подготвуваат за нив. Затоа, многу ме радува што ќе бидам дел од тие средби и што ќе ја почувствувам и таа атмосфера.

Прочитано 1.825 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 − 2 =