Топ Вести

НАТПРЕВАР ЗА РИПЛИ

14.01.2012 01:51
DSC03137_resize_resize

Во 1983 година, во рамките на Втора сојузна лига – Југ, во 13 коло се сретнаа екипите на Пелистер и Металург. Пелистер во првите 12 кола постигна исто толку победи и обезбеди влез во Прва лига, додека Металург, со само 4 победи, се најде на претпоследното место.

На пат за Битола, Металург тргна со три возила. Во еден момент, второто возило доживеа сообраќајна несреќа во која имавме и полесно повредени ракометари. Соиграчите од третото возило останаа да им помогнат на повредените, додека петмината од првото возило се упатија кон Битола за да ја објаснат ситуацијата и да побарат одложување на средбата. На нивно огромно разочарување, екипата на Пелистер не прифати одложување и средбата мораше да се одигра. Во случај на наше неиграње, освен средбата која ќе ја загубивме службено, ќе следеше и одземање на додатен бод како казна. Бидејки, во борба за опстанок, секој бод беше голем како планина, нашите мораа да излезат на паркет.

Во салата, 4500 гледачи гледаа како петорица (со се голманот Пумпа) јунаци од Металург водат борба со комплетната, шампионска екипа на Пелистер. На моменти, поради повреди и исклучувања, Металург играше со голман и само двајца ракометари на терен. Металург го загуби натпреварот со резултат 42:17 (17:8), меѓутоа, не е чудно што Пелистер даде 42 гола, туку што нашите, во својот надчовечки напор, постигнаа 17 гола. Тоа, публиката во салата, знаеше да го оцени со аплауз, а неспортскиот потез на Пелистер остана црна дамка во нивната  богата спортска историја.

Следниот ден, многу битолчани се јавија со осуда во редакциите на македонските весници, а тренерот на Металург, Ристо Трпчевски, натпреварот го нарече – спортска лакрдија.

Еве ги и имињата на петмината наши ракометари кои покажаа како, кога треба, се бранат боите на родниот клуб: Диневски, Јосифовски 4, Деловски 4, Стојановски 5 и Велјановски 4.

Прочитано 564 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − 2 =