Топ Вести

Незаслужено висок пораз на Металург

04.10.2017 11:51
DAR_0854_resize_resize

Металург ја загуби средбата од 5. коло на СЕХА-лигата против екипата на ППД Загреб, со резултат 26:32 (12:13). Иако поразот делува убедливо, Металург не заслужи толкава негатива, бидејќи се до осум минути пред крајот на средбата имаше резултатски приклучок и заостануваше само еден гол од резултатот на противникот. На крајот решавачки беа подолгата клупа на Загреб и заморот и неискуството на нашите ракометари, кои немаа сили во ист ритам да ги одиграат последните минути од оваа интересна средба.

Првото полувреме беше целосно рамноправно, со периоди во кои и двете екипи имаа свои водства, но и овој дел му припадна на Загреб, со голот на Хорват во самиот крај на полувремето. Вториот дел, пак, мина со константна предност на противникот, но и со одличен отпор на Металург, кој успеваше да остане во игра и кој постојано ја достигнуваше предноста на Загреб. Во второто полувреме видовме и директен двобој меѓу најдобрите стрелци на двата тима, Мандалиниќ (8) и Јагањац (7), кои ги решетаа мрежите на двата голмани и кои најголемиот дел од своите голови ги постигнаа токму во второто полувреме.

Голем хендикеп за Металург беше повредата на скочниот зглоб на Филип Кузмановски, кој обнови стара повреда, и кој во второто полувреме не беше во состојба да му помогне на својот клуб.

На оваа средба нашите ракометари промашија 4 од досудените 5 седмерци, што исто така директно влијаеше на резултатот, особено што Загреб имаше перфектен изведувач. Имено Хорват ги реализираше сите пет седмерци. Изведувањето на казнените удари станува ноќна мора на Металург. На последните четири средби од Лигата на шампионите и од СЕХА-лигата, Металург вкупно изведе 22 седмерци, но постигна само 11 голови. Три од овие средби ги загубивме, со вкупна разлика од 12 гола. Интересно, нашите противници на овие последни 4 средби во двете конкуренции вкупно изведоа 16 седмерци и постигнаа – 16 гола.

.

Металург – ППД Загреб  26:32 (12:13)

Металург: Арсиќ (6 одбрани), Даниловски, Јагањац 7, Токиќ 3, Шилегов, Танкоски, Серафимов 1, Кузмановски 2, Илиќ 2, Анџелиќ 4, Велковски 4, Пешевски 1, Палевски, Димитриевски 1 и Арсеновски 1.    Седмерци: 1/5.    Исклучувања: 8 минути.

ППД Загреб: Скок (7 одбрани + 3 седмерци), Кастелиќ (2 одбрани + седмерец), Мраковчиќ, Лучин 1, Павлетиќ 1, Контрец 2, Вори 1, Марковиќ 1, Хорват 6, Шушња, Ј.Валчиќ 1, Т.Валчиќ, Мандалиниќ 8, Равниќ 2, Хрстиќ 2 и Вуглач 7.   Седмерци: 6/6.    Исклучувања: 4 минути.

Прочитано 393 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 3 = 5