Топ Вести

НИКОЛА БОГДАНОВСКИ – КОЛЕ, ТАТКОТО НА МЕТАЛУРГ

20.06.2012 13:33
DSC03350_resize1

Изминаа 40 години од кога во далечната 1971 година во рамките на Рудници и железaрница во Скопје некако незабележливо беше формирана ракометна секција, која подоцна прерасна во клуб РK Металург, денес најдобрата и најуспешната екипа во Македонија, клуб кој во овие изминати 40 години се бореше со многу проблеми, но секогаш опстојуваше благодарејќи на лугето што го водеа клубот и кои несебично даваа свој придонес не жалејќи ни труд ни време Металург да стане она што е денес, клуб чие име со почит се спомнува на европската ракометна сцена.

За жал денес не е меѓу нас творецот и таткото на овoj клуб, Никола Богдановски-Коле, човек кој целиот свој прерано згаснат живот го имаше посветено на неговиот како што знаеше да каже Металург бидејќи тој беше негов основач, претседател, тренер, еден од најдобрите играчи, не само во Металург туку во тоа време и во Македонија. Популарниот Коле Апче, како што го викаа пријателите и ракометарите беше неразделен од својот омилен клуб кој како да беше негова куќа бидејки целото слободно време го минуваше со играчите, на оној отворен ракометен терен во Автокоманда каде што Металург ги играше, во тие почетни години од своето формирање, натпреварите во Македонската лига, подоцна во Меѓурепубличката и Втората југословенска лига.

Беше почитуван од сите, неговиот збор никој не можеше да го одбие бидејќи сите знаеја дека Коле е во право, дека не сака неправди и лаги. Кога требаше остануваше до доцна во ноќта во соблекувалните, кога беше потребно ги местеше и мрежите, му помагаше на економот во клубот, на сите што ќе побараа помош од него, тој беше тука да им помогне. Играчите го сакаа, играа за него бидејќи Металург беше Коле Богдановски, Коле Богдановски беше Металург.

Денес, сигурно ќе се гордеше со Металург, кој прерасна во европски клуб, и стана миленик на цела Македонија благодарејќи на спонзорот Минчо Јорданов, кој имаше доверба во луѓето што го водат клубот, во играчите, во сите оние кои се секојдневно во салата во Автокоманда, ракометниот храм не само во Скопје туку и во цела Македонија.

Пред тимот на Лино Червар претстои убава иднина, претстојат нови победи и титули на кои заедно ќе се радуваме. Затоа сите овие момчиња заслужуваат честитки, Европа и Лигата на шампионите не се веќе сон за нив.

Прочитано 863 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − 7 =