Топ Вести

ПОРАЗ КОЈ НЕ СМЕ ГО ЗАСЛУЖИЛЕ

11.10.2015 19:32
12108040_947698818636827_8036229728902820440_n_resize

Што да се каже по еден ваков натпревар, во кој бевме подобри безмалку во текот на целата средба, а го загубивме во последната секунда… Изгледа секоја генерација на Металург мора да мине низ еден ваков меч. Да се потсетиме, претходната го доживеа истото на гостувањето кај Констанца, во 2011 година, кога во слични околности загубивме од романскиот шампион, со голот на Чепреги во последната секунда.

Денеска игравме храбро, како што и ветивме, без респект кон домашниот состав. Во првото полувреме игравме одлично во одбрана, предводена од феноменалниот Дупјанчанец, но и во нападот, каде бевме стрпливи и имавме реализација за паметење, со десет погодоци од петнаесет упатени удари. Скјерн само во првите десетина минути и се радуваше на предноста, пред нашите стрелци да направат серија од 4:0 и да го превземат водството. Во нашата игра се чувствуваше сигурност и до крајот на првото полувреме одржувавме мала, но постојана предност. Единствената грешка ја направивме во последната минута од првиот дел, кога, при 7:10, не реализиравме зицер (престап на Пешевски), а потоа направивме и непотребен фаул за исклучување (Кукоски), па овој дел од средбата заврши со 8:10.

Во второто полувреме Скјерн фрли се на една карта и го засили атакот на нашиот гол. Тоа даде резултат и Скјерн израмни во 40. минута, на 13:13, а потоа и поведе во 42., 14:13. Червар мораше да го врати во игра Божовиќ, кој набрзина нанижа три гола и повторно ни ја врати предноста, 14:16, во 46. минута. Потоа дојдоа десет минути за кои долго ќе жалиме и во кои направивме повеќе технички грешки, упативме неколку избрзани удари, имавме и едно исклучување, но не постигнавме ниту еден гол. Скјерн не пропушти да ја казни ваквата наша игра и, со серија од 4:0, повторно стекна предност од два гол, 18:16. Најдраматични беа последните 60 секунди од средбата. До тогаш успеавме да го израмниме резултатот, на 19:19, а потоа требаше да го издржиме последниот напад на Скјерн, кој за тоа имаше околу 40 секунди. Ги издржавме сите, освен последната, во која Јоргенсен и го постигна победничкиот гол за својот тим, 20:19.

Металург загуби, но со прикажаната игра покажа дека може да се носи со секого во групата и останува во конкуренција за едно од првите две места во групата “Д“.

Скјерн – Металург  20:19 (8:10)

Скјерн: Бергхолт, Ф.Кристенсен 3, Б.Кристенсен 2, Дал, Хансен, Јоргенсен 4, Клитгард, Микелсен 3, Мирхол 1, Олсон 6, Педерсен, Расмусен, Сондергард 1 и Свенсон.

Металург: Дупјанчанец, Вуковиќ, Божовиќ 11, Бувиниќ, Костески 3, Крстевски, Кукоски, Кузмановски 1, Маџовски, МатиЌ 4, Мраковчиќ, Палевски, Ж.Пешевски, Петров, Талески и Велковски.

Прочитано 2.218 пати

(2) Коментари

  1. Kolku odbrani imase DupjachAnec zosto nema informacija

Напишете коментар


+ 3 = 6