Топ Вести

ПРАЗНИК НА РАКОМЕТОТ. БЛЕСКАВО ИЗДАНИЕ НА МЕТАЛУРГ

10.09.2011 23:17
DSC_1105_

Чекавме и дочекавме !

Бевме отсутни од европскиот врвен ракомет…се вративме со фанфари. Не немаше…еве сме. Долго го очекувавме денешниот ден, првиот натпревар во групната фаза, го очекувавме со нетрпение, со возбуда. Последните неколку дена поминавме низ сито и решето на строгите правила на организацијата на ЕХФ натпревари. Безброј детали, долга низа на барања. Во се успеавме. Организиравме прекрасен натпревар кој се претвори во вистински празник на ракометот. Преку 3500 присутни, младо и старо, сите сплотени во желба да видат успех на својата екипа, уште еден успех на македонскиот спорт. Френетично навивање кое ги понесе и нашите ракометари.

Металург беше добар, беше многу многу добар.

Никој не смее да ја потцени екипата на Цимос Копер. Словенечкиот шампион е одличен тим кој ќе им создаде многу проблеми на останатите во групата “Ц“. Меѓутоа, тоа што ги снајде во првото полувреме, долго ќе биде нивна ноќна мора. Пред да се соземат, веќе водевме со 3:0. Малку се повратија и стигнаа до 5:4. А, потоа дојде периодот од 17 до 23 минута, време за кое Металург го демолира противникот. Направивме серија од 7:0, и стигнавме до 12:4. Уште тука, дадовме на знаење дека бодовите ќе останат во Скопје. Станиќ, тоа чудо од голман, како да водеше лична војна со ракометарите на Копер. Фати се, и тоа што некој може и тоа што никој не може. Ракчевиќ, Наумче Мојсовски, Миркуловски и Алушовски, буквално ја изрешетаа гостинската мрежа. Највисоко водство имавме во 29-тата минута, 15:6. Полувремето заврши со резултат 15:7. Публиката е во делириум. Се пеат навивачки песни, се слави успехот.

Второто полувреме започна малку поинаку. Се смени ритамот на игра, живна и противникот. Најпрво, тие прават серија од 3:0 и доаѓаат на растојание од само 4 гола, 17:13. Потоа, со иста таква серија ние бегаме на безбедни 21:14. Во Металург, се вршат измени, на голот е Ангелов кој ја запали публиката со своите 4 одбрани. Наумче Мојсовски, кој само што се опорави од повредата на мускулот мора да излези за да земе здив. Мала деконцентрација, мал пад во играта и противникот тоа веднаш го користи. За 5 минути, од 48 до 53-тата, со серија од 4:0, доаѓаат до разлика од само три гола, 21:18. Противникот е во подем, ситуацијата стана алармантна. Со головите на Георгиевски, Маркоски и Алушовски имаме повторно безбедно растојание од гостите. Копер се закани и во 58 минута кога резултатот е 25:22, но на тоа остана. На крајот уверлива победа со резултат 28:23.

Видовме прекрасен ракометен натпревар во кој победи токму нашиот тим. Металург препороден, амбициозен, силен. Ако ја повториме играта од првото полувреме, не ќе треба да стравуваме за пласманот меѓу 16-те великани. Станиќ јунак на натпреварот. Веднаш до него…целиот тим. Особено, радува добрата игра на Гоце Георгиевски кој, по подолго време, не потсети на својот раскошен талент.

По натпреварот, имавме уште еден повод за славење. Нашиот ветеран Стевче Алушовски наполни 39 години. Иако победата е најголем поклон, Стевче доби и торта, а соблекувалната ечеше од песни и честитки.

Пресконференција.

Според барањата на ЕХФ, 15 минути по натпреварот беше организирана пресконференција. Копер беше застапен од шефот на стручниот штаб Фреди Радојковиќ и ракометарот Деан Бомбач. За Металург, Лино Червар и Дарко Станиќ.

Радојковиќ му ја честиташе победата на Металург и изрази разочараност од играта на своите пулени. Според него одиграа надвор од договореното и беа премногу бавни, како во одбраната така и во нападот. На новинарско прашање дали се кае што не го задржа Станиќ во својот тим, тој одговори дека после вакви натпревари се кае. На друго новинарско прашање, одби да го  коментира судењето. Но тоа го стори Бомбач кој рече дека судиите грешеа во главно во однос на Копер. Сепак, и тој му ја честиташе победата на домашниот тим.

Лино Червар им ја честиташе победата на своите играчи и изрази мислење дека, првото полувреме, е најдоброто полувреме на Металург од кога е тој на чело на екипата. Призна дека во вториот дел дојде до пад на играта но, според него, тоа е нормална работа во игра со ваков противник. Червар му се заблагодари на противничкиот тим за коректната игра и кажа дека Цимос Копер е многу силен состав и голема чест е да се победи. Одговарајки на новинарски прашања, Червар потенцираше дека осцилациите во вториот дел ќе треба да се надминат со враќањето на Козлина и целосната рехабилитација на Батиновиќ и Мојсовски. Промашените седмерци загрижуваат и ќе треба да се работи на подобрување на реализацијата.

Дарко Станиќ призна дека емотивно го доживеа натпреварот против својот бивш клуб за кого настапуваше пред само неколку месеци. Им ја честиташе победата на своите соиграчи.

РК Металург – РК Цимос Копер  28:23  (15:7)

РК Металург: Станиќ 17 одбрани (1 седмерец), Ангелов 4 одбрани (1 седмерец), Ракчевиќ 5, Левов 1, Димовски 2, Марковиќ 2, Георгиевски 3, Манасков, Миркуловски 5, Маркоски 1, З.Мојсоски, Наумче Мојсовски 5, Стоилов, Батиновиќ 1, Јоновски и Алушовски 3.          Седмерци: 3/7.     Исклучувања: 6 минути.

РК Цимос Копер: Скоко 5, Добелшек 1, Брумен 3, Бомбач 1, Поклар, Џоно, Шкоф, Кривокапиќ 4, Скубе 2, Вран, Млакар, Конечник 1, Рапотец 3, Богуновиќ, Бундало 1 и Осмајиќ 2.       Седмерци: 2/5.       Исклучувања: 12 минути.

Судии: Јуриновиќ Далибор и Мрвица Марко од Хрватска.

Делегат: Павичевиќ Предраг од Црна Гора.

Прочитано 2.479 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 7 = 13