Топ Вести

ПРЕМИЕРНА ШАМПИОНСКА ТИТУЛА ЗА РАКОМЕТАРИТЕ НА МЕТАЛУРГ

01.11.2013 00:08
2121335

za tekst

Враќањето на Милан Чоровиќ во тимот на Металург не потсети на настаните од 2006 година, кога Металург ја освои првата титула во првенството на Македонија. Во мајсторката од финалната серија, против екипата на Вардар ПРО, влеговме со победа во “Автокоманда“, со резултат 25:24 (14:13), но и пораз во СРЦ “Кале“, со резултат 40:33 (20:19).

Барајки во старите архиви налетавме на статијата на Сашко Димовски, во “Утрински Весник“. Статијата ви ја пренесуваме во целост.

Преземено од “Утрински Весник“:

Премиерна шампионска титула за ракометарите на Металург

41307Со погодокот на српскиот интернационалец Милан Чоровиќ на две секунди пред крајот Металург ја доби инфаркт „мајсторката“ против Вардар Про со 27:26 и ја освои првата шампионска титула во домашното ракометно првенство, но и прва двојна круна во клупската историја, откако суперлигашот од Автокоманда претходно триумфираше и во националниот Куп во СРЦ „Кале“.

„Не размислував кога шутирав. Одев на с` или ништо. Направив финта, упатив удар, дури не знам во кој дел од голот шутирав, ниту пак бев свесен дали топката воопшто заврши во мрежата. Морам да споменам дека Црвена Звезда е мој клуб, но оваа титула некако ми е подрага. Ги искористивме последните атоми од нашите сили. Пеколното темпо на тренинзи и натпревари си го стори своето, заморот почна да н` совладува, само не знам колку тоа беше евидентно на паркетот. Навистина не знам како ќе издржевме ако требаше да одиграме уште некој натпревар“, ни изјави јунакот на мечот, Чоровиќ, за кого ова е втора двојна круна во кариерата по онаа со Црвена Звезда во ракометното првенство на Србија и Црна Гора.

Последниот финален натпревар не донесе ракомет за око во што се согласува и тренерот на Металург, Јовица Цветковиќ. Се играше борбено, на моменти грубо и во преден план беа одбраните за што говори и резултатот со кој актерите заминаа на одмор – 9:9.
“До израз дојде големата психолошка подготвеност на моите играчи. Мислам дека тоа беше пресуден момент во натпреварот бидејќи немаше кој знае колку убавина во играта“ гласеше првичниот коментар на тренерот на Металург, Јовица Цветковиќ по завршувањето на мечот.

„Имавме проблем со реализацијата на нападите. Но, тоа го надополнивме со одлична игра во одбраната. На крајот и Господ н` погледна и н~ помогна за с` она што го направивме оваа сезона“, дополни Цветковиќ.

Токму тој е човекот за препородот на Металург. Со професионален пристап создаде хомогената средина кон која го придодаде и Милан Чоровиќ на полусезоната што се покажа како вистински потег. Десетмесечната макотрпна работа на тимот од Автокоманда е крунисана со две титули и премиерно учество на Металург во Лигата на шампионите во следната натпреварувачка сезона. И сето тоа сосема заслужено. Дури пет пати сезонава го урнаа лутиот градски ривал, Вардар Про, во домашниот шампионат во кој претрпеа само два пораза, по еден од Пелистер и Младост.

Вардарци можат само да жалат за пропуштеното со оглед дека на десетина секунди до крајот во најмала рака имаа реми и ракометар повеќе на теренот. Можеби тоа беше причина за опуштање во нивните редови мислејќи дека противникот не ќе може во една таква ситуација да претставува закана по голот на Докниќ. Но, така не мислеше Чоровиќ кој ја казни противничката удобност и со удар од преку девет метри стави крај на финалната серија за еуфорична прослава на трибините и на паркетот на премиерната шампионска титула во Автокоманда.

„Беспотребно се крена тензија пред почетокот на мечот. Покажавме дека може да се одигра фер и коректно. Денеска во Македонија победи ракометот и тоа е најважно. Одигравме еден тотално неизвесен натпревар во кој моите ракометари во одредени периоди мислеа дека сами можат да сторат нешто повеќе, но познато е дека колективното секогаш е посилно од индивидуалното“, изјави тренерот на Вардар Про, Веселин Вујовиќ, кој на прашањето дали ќе остане во Скопје, додаде:
„Во моментот не можам ништо да кажам. Се` зависи од преговорите со управата на клубот што ќе следат во наредниот период“.  

Металург – Вардар про 27-26 (9-9)

Спортска сала во Автокоманда. Гледачи околу 1.000. Судии: Камишевски и Николовски. Црвени картони: Макалоски (Металург) и Добрковиќ (Вардар ПРО).

Металург: Живоиновиќ (одбрани 18 топки и 1 седмерец), Колев, Пецаковски, Димовски 2, Чоровиќ 9 (1/2), Лазаров, Наумовски 3, Ангеловски 5, Миркуловски, Ѓоргоновски, Маљцев 2 (0/1), Чантурија 1, Макалоски 5 (3/4), Зубиќ. Тренер: Јовица Цветковиќ. Седмерци: 4/7. Исклучувања: 14 мин. Загубени топки: 15.

Вардар ПРО: Даскаловски (одбрани 10 топки и 1 седмерец), Докниќ (одбрани 5 топки и 1 седмерец), Петковски, Ракчевиќ 3, Недановски 3 (2/2), Трпевски 2, Добрковиќ 5, Васјук 3, Марковски, Коваленко 3 (1/2), Стојановиќ 2, Петровски, Мојсовски 2, Алушовски 1. Тренер: Веселин Вујовиќ. Седмерци: 3/4. Исклучувања: 10 мин. Загубени топки: 10.

Сашко Ѓ. Димовски

————————————————————————————————————————————————————————————————————

Преземено од “Дневник“:

Потпретседателот Христов остана без мустаците.

Металург ги освои двата трофеи сезонава, Купот и првенството, а Филип Христов, потпретседателот на клубот, остана без мустаците по кои беше препознатлив последниве 30 години. Откако тимот ја освои титулата, на клупската прослава, Христов се појави избричен, па многумина „од прва“ не го препознаа.

– Ми беше чудно кога со ножички почнав да ги сечам мустаците, бидејќи ги имам 30 години. Но, ветувањето мора да се исполни. Долго време го чекавме овој момент и со задоволство останав без мустаците, вели Христов.

Фотогалерија:

 

 

Прочитано 1.555 пати

(1) Коментар

  1. Ne e premierna titula taa od 2006. Premierna titula shampion na Makedonija vi e od 1980,vtorata vi e vo 1986, imate use edna 3ta vo 1992, a mozebi i poveke seuste se istrazuva po arhivite ,koj se shampionite na Makedonija vo 1983,1989,1990 i 1991. Sega za sega taa od 2006 vi e 4ta titula shampion na Makedonija.

Напишете коментар


+ 2 = 8