Топ Вести

Прв пораз на Македонија на турнирот во Полска

28.10.2017 15:20
MAC-POL23

Во Плоцк (Полска) денеска се одиграни натпреварите од второто коло на меѓународниот турнир на кадетски репрезентации. Македонија се сретна со домашната селекција, која, по голема борба, успеа минимално да ги порази нашите кадети, со резултат 34:32 (14:12).

Иако Полска водеше во текот на целиот натпревар, во еден момент и со седум гола разлика, сепак се доби впечаток дека ова беше средба меѓу две слични по квалитет репрезентации, а до победата Полјаците дојдоа по голема  борба.

Македонија во текот на средбата имаше две резултатски кризи, на почетокот на двете полувремиња, и токму тие кризи ги користеше нашиот денешен противник и создаваше предност која потоа момците на Данило Брестовац мораа да ја достигнуваат.

На почетокот на првото полувреме Полска поведе со високи 3:7, предност која нашите ракометари ја достигнаа дури во 21. минута, при 8:8. Во следните десетина минути се играше гол за гол, но сепак Полска беше селекцијата што на одмор замина со позитива, 12:14.

Слично почна и вториот дел, бидејки Полска релативно лесно дојде најпрво до +5, 15:20, а потоа и до највисоките +7, 18:25. Сепак, нашите кадетски репрезентативци и овој пат најдоа сили и речиси ја достигнаа високата предност на домашната селекција. Но, за комплетен резултатски пресврт немаше ниту време, ниту сили, па победата заслужено и припадна на кадетската репрезентација на Полска.

Ударна игла на нашата репрезентација и на овој натпревар беше ракометарот на Металург Мартин Серафимов, кој денеска постигна дури 14 гола. Да потсетиме, Мартин беше нашиот најдобар стрелец и на вчерашната средба со Белорусија, на која нанижа 11 погодоци. Со 25 постигнати гола, на две средби, Мартин засега е водечки стрелец на овој турнир.

Во првиот денешен натпревар, Белорусија и Чешка одиграа нерешено, 29:29, иако Чесите првото полувреме го завршија со предност од три гола, 18:15.

.

Maкедонија – Полска  32:34 (12:14)

Maкедонија: Kизиќ 1, Василевски, Петковски, Гучевски 1, Џигеровски 1, Meловски 2, Кондев 2, Ќосевски 3, Наков, Божиновски, Mитиќ 1, Мајсторовски, Каковски, Симоновски 3, Ристовски, Серафимов 14, Карапалевски 4, Атанасовски.   Исклучувања: 8 минути.

.

По две одиграни кола, води Полска со две победи, втора е Белорусија со две нерешени средби, а третото место го делат Македонија и Чешка, со по еден пораз и по еден нерешен натпревар.

Утре се игра последното коло во кое Македонија ќе се сретне со селекцијата на Чешка. Се чини дека тоа ќе биде дуел за второто место на турнирот, бидејки во вториот натпревар Полска е голем фаворит против Белорусија. Средбата со Чешка на програмата е во 11 часот.

Прочитано 1 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


3 + 9 =