Топ Вести

Ракометната академија Металург го доби и 25-от член

13.03.2016 16:48
9

Од викендов РК Младинец од Кочани е нов член на ракометното семејство Металург, кое сега има 25 школи во 13 града низ Македонија.

Со одигрувањето на 1-то коло (турнирски систем) од источната група во пионерската лига на Ракометната академија Металург, екипата на РК Младинец 2015 од Кочани и официјално стана нов член на ракометното семејство Металург.

Чест е да се биде член на најдобрата ракометна академија и дел од најорганизираната лига за најмладите ракометни надежи во Македонија. Со самото приклучувањето кон ракометното семејство Металург, нашата млада школа од Кочани доби голема афирмација и мотив плус за уште попосветена работа со младите ракометари. Нашите дечиња уште од млади нозе ќе почнат да ги развиваат натпреварувачкиот дух и борбениот жар што се основни предуслови уште од мали нозе да ја засакаат ракометната игра и да прераснат во цврсти и борбени играчи, кои ќе бидат иднината на македонскиот ракомет. Се надеваме дека во блиска иднина ќе станеме дел и од мини-лигата на Металург и дека и нашите најмлади членови ќе уживаат и ќе се натпреваруваат со своите врсници од останатите школи – изјави Димитар Филипов, еден од тренерите во ракометната школа Младинец од Кочани.

Школата на Младинец има околу 70 деца. Кочани стана 13-от град на мапата на Металург, чија Академија сега има вкупно 25 школи-членки. Школата на Младинец работи под раководство на двајцата поранешни ракометари Филипов и Петруш Николов.

Академијата Металург сега има школи во Скопје, Куманово, Кратово, Македонска Каменица, Делчево, Виница, Кочани, Кавадарци, Прилеп, Кичево, Струга, Охрид и во Берово.

Вистинско задоволство за мене како директор на академијата Металург е кога потпишуваме договор за меѓусебна соработка со некоја од ракометните школи низ земјава. Секој нов град на нашата мапа е сатисфакција плус за нашата посветена работа и исправноста на концептот што го реализираме во подигнувањето на ракометните фиданки во нашата градина. Исто така, сакам да му се заблагодарам на градоначалникот на општина Кочани, Ратко Димитровски, за несебичната поддршката на новоформираната ракометна школа Младинец, бидејќи само со заемна соработка и поддршка може да се реализираат меѓусебните амбиции – изјави Тони Ристески, директорот на Академијата. 

Фото:

Прочитано 893 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 2 = 1