Топ Вести

Талески: Имаме многу причини за добра и борбена игра

02.12.2016 19:51
01122016110357_web_metalurg-tatran-andonovski6_resize

“Имаме многу причини за добра и борбена игра против шпанскиот вицепрвак, а една од нив е шансата да обезбедиме место во баражот за пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ). Нѐ мачат многу повреди во екипата, но сигурен сум дека сите што ќе излеземе на терен, ќе дадеме максимум и ќе одиграме квалитетни и борбени 60 минути“, изјави капитенот на ракометарите на Металург Филип Талески во пресрет на дуелот со Ла Риоха, в сабота, на гости.

Младиот тим на Металург, кој сезонава ја почна со скромни амбиции да направи чекор напред од минатата сезона во ЛШ и да ја врати публиката на своите трибини, во пресрет на натпреварот од 9-то коло е на чекор од нова сензација. Со победа над шпанскиот вицепрвак Ла Риоха избраниците на Лино Червар ќе бидат на чекор од пласман во баражот за осминафиналето од ЛШ (потоа ќе биде потребна и победа дома, над Чеховски медведи), остварување, што е неколку чекори над претпоставките и на најголемите оптимисти. А сето тоа имајќи предвид дека Металург сезонава ја има најмладата екипа во елитното натпреварување.

Знаеме дека Ла Риоха има квалитетен состав, кој знае добро да одигра на домашен терен и кој е еднакво опасен од сите позиции. Повторно ја анализиравме нивната игра знаеме што нѐ очекува. Најважно ќе биде во мечот да влеземе максимално концентрирани и да одиграме според договорениот план и тактика“, додаде Талески.

Сезонава и Ла Риоха и Металург забележаа по три победи на домашен терен и една на гости, со таа разлика што Ла Риоха има еден нерешен исход и три порази (два на гости и еден дома), а Металург има четири порази (три на гости и еден дома). Во осумте одиграни кола Ла Риоха постигнува повеќе голови од Металург, 236 гола (29,5 по натпревар), наспроти 184 (23 по натпревар), но затоа примила повеќе голови од Металург, 231 (28,8 по натпревар), наспроти 196 (24,5 по меч) на Металург, кој моментно ја има втората најдобра одбрана во ЛШ (Фленсбург прими 192 гола).

Високата ефикасност на крилните ракометари на Ла Риоха му дава мала предност на шпанскиот првак кога се во прашање брзата транзиција и контрата. Шпанските крила на осум натпревари постигнале 99 гола, наспроти 25-те на Металург, но затоа Металург има поефикасна бековска линија од Ла Риоха, која во осум натпревари реализирала 143 гола, наспроти 109-те на Шпанците.

Прочитано 5.979 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − 4 =