Топ Вести

Успешно реализиран 11. летен ракометен камп на Металург

28.06.2016 10:11
13518036_114029332360847_275274160_o

Единаесеттото издание на летниот камп на Ракометната академија Металург, кој традиционално се реализира на бреговите на Охридското Езеро, поточно во хотелот „Бетон“, заврши вчера. Повеќе од 380 деца од девет градови на Македонија поделени во две смени, тренираа, уживаа, се капеа и се забавуваа на најмасовниот летен ракометен камп во државава.

Првата смена ја сочинуваа пет школи од Скопје и школи од Кратово, Кочани, Каменица, Виница, Охрид и Кавадарци, а втората ја комплетираа уште осум школи од Скопје, Прилеп, Охрид и Берово.

Задоволни сме и среќни што успешно се реализира 11-то издание на летниот камп на Ракометната академија Металург. Двете смени поминаа во одлична работна атмосфера за што најпрво сакам да ги пофалам децата, за посветената работа и дисциплината за време на кампот, а исто така и тренерите за нивното залагање, одговорност и посветеност со која работеа во изминатите 14 дена. Масовноста, која што секоја година е се` поголема, ни претставува голем мотив во организацијата на кампот, па затоа се надеваме дека наредната година ќе го реализираме нашиот проект за сопствени терени во склоп на хотелот „Бетон“, со што  ќе им овозможиме на децата уште подобри услови за работа, дружба и забава“, истакна директорот на Ракометната академија Металург, Тони Ристески.

Покрај напорните тренинзи на терените покрај Охридското Езеро, во склоп на летниот камп децата на Металург одиграа и неколку меѓусебни натпревари во салата „Билјанини извори“ во Охрид, а беа и на прошетка низ старата Охридска чаршија. Преку ден, слободното време меѓу тренинзите децата го користеа за разладување и бањање во водите на езерото, а забавата беше составен дел и од вечерните дружби на децата, кои  преку забавните игри од типот пантомима, караоке, маскенбал, игри без граници, жонглерско шоу и други, го исполнуваа слободното време во вечерните часови.

За здравјето на децата беа задолжени докторите Димитар Ангеловски и Марина Николовска, кои 24 часа дневно се грижеа насмевката да не исчезне од детските лица, а и за најмала гребнатинка беа спремни да реагираат.

Ракометната академија Металург со гордост може да потврди дека и годинава беа најмасовни, најорганизирани и највесели.

Прочитано 353 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 − 2 =