Топ Вести

(Видео) Червар: Кому му пречат нашата работа и напредок

22.05.2017 21:22
22052017110554_web_lino-banskoliev__8_

Избраниците на Лино Червар беа на чекор од уште една сензација сезонава, по онаа од пред месец и половина, кога во Автокоманда го нокаутираа Вардар со 29-26 во првиот плејоф-дуел. Металург од 18-та минута беше без најдобриот ракометар, Немања Обрадовиќ, кој поради приговор најпрво беше исклучен, а потоа доби и црвен картон поради емотивна реакција на клупата.

Им честитам на момците за борбеноста и прикажаната игра. Вторпат сезонава покажаа извонредна игра втемелена на голема желба и мотив да покажат дека знаат, дека умеат и дека можат да се борат против двојно поквалитетни и десет пати поплатени ривали од себе. Металург покажа како се игра со срце, за своја душа. Но би сакал да ми се објасни која беше причината за одземање на топката на Металург и зошто беше исклучен Обрадовиќ, бидејќи јас не видов, а и никој околу мене. Не ја оправдувам реакцијата на Обрадовиќ на клупата во никој случај, но сакам да знам дали е можно делегатот да побара дополнителни две минути казна за Обрадовиќ, а судијата да додели црвен картон“, се прашува тренерот на Металург, Лино Червар ден по натпреварот.

Металург и Вардар сезонава се сретнаа петпати. Двата дуела во Сеха-лигата завршија со минимални победи на Вардар (25-24 и 31-29), двапати во плејоф-фазата во кои Металург го доби првиот, 29-26, а Вардар вториот, 38-25, и во полуфиналето на Купот.

Сезонава петпати игравме со Вардар и ниту еднаш не нѐ надиграа. Поразот во „Јане Сандански“ беше одраз на надворешен фактор што влијаеше на нашата игра, а не на нашите реални можности. По тој меч слушнав коментари дека нашата игра била прочитана. Да, нѐ прочитаа, но само воведот, до 10-та страница, за другите 490 страници немаа време и трпение. Четириесет години работам како тренер, од кои осум во Македонија, и сите овие години не можам да разберам некои работи „зашто мене како тренер ми е забрането со неафирмирани и слабо платени играчи, да го победам високобуџетниот ѕвезден тим на Вардар“. Кому му пречи нашата работа, нашиот напредок. Јас сум тренер што не застанува пред пречка колкава и да биде таа. Јас имам волја, желба и трпение за работа и напредок во секоја смисла од зборот. Ќе вклучам нови млади сили од нашата школа и со нив повторно ќе им пркосам, и со игра и со борбеност, па повторно ќе мора да ја читаат мојата игра, која не е баш читлива и разбирлива за секого“, додаде Червар.

Како и да е, со својата игра и борбеност металурзите ги остварија своите амбиции поставени за сезоната што завршува. Зад себе ги имаат одличните игри во Лигата на шампиони, каде што забележаа скок од три позиции во споредба со минатата сезона и демонстрираа игри што ја пленија европската ракометна јавност. Солиден им беше ефектот и во Сеха-лигата, која ја искористија за стекнување искуство и за афирмација на младите домашни ракометари.

Тања Димитриоска.


Во продолжение погледнете го видеото од досудените чекори врз Обрадовиќ, како и несанкционираната “прошетка“ на Тимур Дибиров.

 

Прочитано 8.578 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


2 + = 8