АЦО ЈОНОВСКИ: ДОБРАТА ОДБРАНА ГО ДОБИВА НАТПРЕВАРОТ

19.01.2013 16:39
11432_1216047933358_1593653953_30542770_4625405_n_resize

Аце Јоновски е специјалист за одбрана. Тој е вистински бедем пред голот на македонската репрезентација и на Металург. Особено добро Јоновски игра на ова СП.

Заморот, по долгото патување од Севилја до Барселона, не го спречи Јоновски да даде кратко интервју за сајтот на Металург.

Ти си специјалист за одбрана, што подразбира многу физички контакти и “блиски средби“ со противничките напаѓачи. Како се чувствуваш по натпреварите, особено оние потешките ?

– Одбранбените играчи навистина имаат многу физички контакти и трпиме многу удари од противничките ракометари. По секој натпревар чувствувам голем замор, но тоа не е пречка веќе на следната средба да играм на максимално високо ниво.

Обично главните заслуги за добриот резултат одат на контото на напаѓачите и на голманите. Те иритира ли тоа ?

– Гледано од надвор, тоа така изгледа. Но сите што го разбираат ракометот знаат што значи добра одбрана на еден натпревар. Не залудно е кажано дека натпреварот се добива со одбрана, а се губи со нападот. Затоа не ме иритира поделбата на заслугите. Мое е да играм секогаш добро и да бидам на нивото на поставената задача.

Ти си прв блокер во нашата репрезентација и меѓу првите тројца на СП. Дали е тоа случајност, среќа или имаш разработено тактика како да ги скротуваш ударите на противникот ?

– Случајност секако дека не е, случајно можеш да блокираш еднаш-двапати. Јас секако дека разработувам тактика за секој од противничките ракометари и особено внимавам на страната на која сметам дека некој ќе упати удар. Засега тоа добро функционира.

Зад името на Јоновски засега стои само еден постигнат гол. Сметаш ли дека имаш што да кажеш и во нападот ?

– Да, зад моето презиме стои еден постигнат гол. Лично мислам дека можам да помогнам и во нападот, барем во одреден период од натпреварот, меѓутоа засега тактиката на селекторот е таква каква што е. Добро ни оди и нема потреба јас да се мешам или да се замарам со тоа. Сепак, ако ми се даде шанса во полуконтра, јас сигурно ќе ја искористам.

Кој играч до сега ти бил најголем предизвик за чување на ова првенство ?

– Од ракометарите со кои досега имав работа на ова СП, сигурно Микел Хансен, но има и доста други квалитетни напаѓачи.

Какви се нашите шанси со Германија, што очекуваш од тој дуел ?

– Шансите се 50-50, а јас се разбира дека очекувам победа. Се надевам дека утре ќе одиграме паметно и борбено, како што знаеме.

Ти благодариме за одвоеното време и ти посакуваме успех на утрешната средба.

– Благодарам и јас.

Прочитано 746 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


4 + 4 =