Брестовац: Ние знаеме каде одиме и кој ни е патот

31.12.2018 12:08
GIL_5710_resize_resie

Најмладата екипа во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Регионалната лига (РЛ), Металург, со победа ја заврши 2018 година, најавувајќи уште подобри изданија во новата година. Младите металурзи во ниту еден меч не беа надиграни од далеку поискусните и поквалитетни противници од себе. Брестовац силно верува во квалитетот и во потенцијалот на неговата млада екипа, но свесен е дека за да се достигне нивото на врвен ракомет, потребни се време, многу работа и напорни тренинзи.

Ние сме во фаза на создавање екипа за долги патеки. Потенцијал и квалитет имаме, но недоволно за врвен ракомет. Генерално, имаме напредок. Напредуваме секојдневно. Ни претстои уште многу работа за да дојдат на терен вистинските резултати. Ако споредиме со првиот натпревар, кога имаше играчи што имаа споредни улоги и мала минутажа, сега е поинаку. Влезени сме во еден современ процес на физичка, техничка и тактичка подготовка, кој бара време. Имаме разигран тим, а тука се и Гонзало, Шпенде и Пучник, кои знаат да повлечат кога е потребно. Најважно е што знаеме каде одиме и каде ни е патот. Знаеме дека е тешко кога ќе се загуби, но прекуноќ ништо не се создало. Потребно ни е време, затоа што, сепак, станува збор за млади ракометари. Градиме стратегија преку која не сакаме да ги бркаме македонските играчи за да носиме странци. Нешто што ми пречи и што го дијагностицирав со моето доаѓање на чело на младинските селекции на Македонија и во Металург, е тоа дека македонските ракометари не вложуваат во себе. Два тренинга на ден се недоволни. Каде се тука индивидуалните тренинзи, каде е правилната исхрана, спортскиот начин на живот, одрекувањата од благодатите“, вели тренерот на Металург Данило Брестовац.

Според Брестовац, Македонија не треба да се грижи за својата ракометна иднина.

Додека постои Металург, додека функционираат школите на Металург и додека има луѓе како Минчо Јорданов и како Живко Мукаетов, кои несебично го поддржуваат и вложуваат во македонскиот ракомет, Македонија не треба да се грижи за својата иднина. И не само за ракометно-спортска иднина туку и многу повеќе, за здрави, физички и ментално, и за етички и морално силни генерации. На клупско ниво имаме исклучително добро разбирање од сопственикот, кој има неверојатно чувство за општествено одговорно работење, во интерес на пошироката заедница и долгорочни бенефиции за младите ракометари, но и за државата. Во тоа одлично се вклопува поддршката од претседателот на федерацијата, Мукаетов, кој еднакво се грижи и за сениорските и за јуниорските и за најмладите категории ракометари и на сите им ги овозможува најдобрите услови за напредок и развој на репрезентативно ниво. Штета е што во државава имаме многу малку такви луѓе, кои вистински го сакаат спортот и придонесуваат за неговиот подем“, рече Брестовац.

Тој појасни дел од начинот на работа во Металург.

Преку развојната стратегија на школите низ целата држава, формирањето мини-лига, овозможувањето на децата да се натпреваруваат уште од најмала возраст и формирањето генерациски селекции, веќе неколку години создаваме по неколку играчи од секоја генерација, кои стануваат дел од националните тимови. На пример, од генерацијата 1996/97 ги имаме Филип Талески, Мартин Велковски и Горан Крстевски, задна линија за респект. На пивотменската позиција е Милан Лазаревски со огромен развој во изминатиов период и двајцата голмани Мартин Томовски и Никола Данаиловски. Од генерацијата 1998/99 ги имаме крилата Димитар Димитриоски, Мице Шилегов и Томи Јагуриновски како бек-крило, за бековската линија излегоа Марио Танкоски и Марко Мишевски (кој замина во Вардар – н.з.), и Филип Арсеновски на пикерската позиција. Надоаѓачки репрезентативни таленти има и во генерацијата 2000/2001 каде што се Мартин Серафимов, Ненад Костески, Андреј Митиќ, потоа Теодор Тодевски, Симон Прентоски… од генерацијата 2002/2003“, вели Брестовац.

Како сублимат на сево ова може да се констатира дека Металург е лидер и во регионот според продукцијата на играчи од сопствените школи.

Точно е дека Металург е лидер во продукција на играчи не само во Македонија, туку и на Балканот. Но, исто така, се грижиме и за најталентираните играчи од Македонија и од регионот, кои ги носиме во нашиот клуб и им даваме шанса и услови за уште подобар напредок и развој. Такви се, на пример, левиот бек од Прилеп, Теодор Тодески (роден 2002 – н.з.), српскиот голман Предраг Мијатовиќ (2002), централниот бек од Врање Стефан Додиќ (2003), кој со 16 години доби шанса да игра во ЛШ и во РЛ. Ако сакаме да го задржиме лидерскиот статус во работата со младите играчи, секогаш треба први да ги контактираме талентираните деца од земјава и пошироко. Тоа е она што Металург го прави инкубатор на врвни играчи, за кои подоцна се интересираат врвни екипи. Најважно е да се држиме до нашиот создавачки концепт, обновувањето на генерациите со нови таленти и да достигнеме едно ниво на самоодржување во финансиска смисла“, истакна Брестовац.

Прочитано 257 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 − = 2