Брестовац: Одлична и корисна турнеја

26.01.2019 11:06
50639536_272603670321012_8715706838043066368_n_resize

Ракометарите на Металург се вратија од подготвителната турнеја во Франција побогати за драгоцено меѓународно искуство стекнато во петте одиграни натпревари пред продолжението на сезоната. Ослабениот состав на Металург, без репрезентативците Мартин Серафимов, Марио Танкоски и Милан Лазаревски и без повредените Мартин Велковски и Димитар Димитриоски, го освои првото место на силниот меѓународен турнир „Мастер де хендбол – Гренобл“, во земјата на светскиот првак Франција. Таму Металург во финалето ја победи шпанската екипа на Ирун Бидасоа со 32-31 (14-17), второпласирана во домашното првенство. Претходно металурзите беа подобри и од организаторот на турнирот, Гренобл, со 28-27.

За одличната и ефикасна игра во дресот на Металург, Александар Шпенде беше прогласен и за најдобар и најефикасен играч (постигна вкупно 16 гола) на турнирот, а голем удел во победата на Металург имаше повратникот во тимот, голманот Даниел Дупјачанец, кој за својата бравурозна партија во финалето беше прогласен за најдобар голман на турнирот.

Сѐ што ни беше планирано за овие подготовки го одработивме перфектно. Акцентот го ставивме на турнирот во Гренобл, на кој во два натпревари остваривме две тесни победи и го освоивме турнирот. Во втората фаза од подготовките одигравме три натпревари во француските прволигаши Аи ен Прованс, Ним и Сен Рафаел, во кои резултатот ни беше во втор план на сметка на ротациите, за сите играчи од составот да добијат рамноправна минутажа и драгоцено меѓународно искуство што многу ќе им користи во нивните кариери. Сакам да напоменам дека на овие натпревари имавме многу лошо судење, пред сѐ дека ни судеа деца од 16-17 години, но искрено и од тоа профитиравме, со градење карактер во тензични и неправедни ситуации. Кога ќе подвлечам линија, ова беше одлична и корисна турнеја, која ни даде одлична слика за тимот, што и како треба да коригираме понатаму во периодот што следува“, изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Во продолжението на турнејата Металург ги загуби сите три пријателски натпревари, со Прованс (36-17), Ним (31-26) и со Сант Рафаел (35-31), со оглед на тоа што тренерот Брестовац во овие мечеви реши да им даде шанса на помладите играчи и резервистите, кои имаа мала минутажа или воопшто не играа на силниот турнир во Гренобл. Радува фактот што момчињата од Автокоманда во сите три натпревари покажаа карактер и одлично се држеа со искусните и квалитетни француски тимови и во ниту еден момент не им недостигаа борбеност и истрајност на теренот.

Првиот официјален натпревар годинава Металург треба да го игра идната сабота, кога во 14-то коло од Регионалната лига ќе гостува хрватскиот шампион Загреб. Завршницата во домашното првенство би требало да почне во втората половина на март.

Т. Димитриоска

Прочитано 183 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


8 + 7 =