ЧЕРВАР: БИ САКАЛ ДА ЈА ЗАВРШИМЕ 2014. ГОДИНА ВО ЛШ СО ПОБЕДА НАД БРЕСТ МЕШКОВ

04.12.2014 14:42
02_resize

za tekst

Денеска се одржа прес-конференција на Металург пред натпреварот со екипата на Брест Мешков. Своите размислувања ги изнесоа шефот на стручниот штаб на Металург, Лино Червар, и Филип Миркуловски, во името на ракометарите.

05_resize_resizeЛино Червар: “Мешков Брест ме изненади бидејќи загуби значаен бод дома од Ла Риоха, па сега тешко дека ќе се пласира во осминафиналето. Тие одиграа две добри и неизвесни средби со Кил и со ПСЖ, што доволно зборува за квалитетот на нивната екипа. Верувам дека ќе дојдат максимално мотивирани и ќе се обидат да не совладаат, но и покрај многубројните проблеми, бодрени од верната публика, ќе сториме се за да стигнеме до победата. Белорусите играат добро во одбраната, по која развиваат брза транзиција, па ќе мора да бидеме многу внимателни. Желба ни е годинава да ја завршиме со победа и на тој начин да им се заблагодариме на нашите навивачи, но не сакам, доколку тоа не се случи, да дојде до нов линч врз мојот тим.

Металург постои многу пред мене, уште од 1971 година. Имаме спонзор што го држи клубот 15 години. Знаете како е во животот, некогаш си горе, некогаш си долу. Ниту нему не му е лесно да го држи клубот на површина и да ги задоволи критериумите на Европа во ЛШ. Не бараме алиби. Две и пол години ги имаме овие проблеми. И поради тоа сме горди што последниве три години го направивме тоа што ниедна друга екипа не ни сонувала да го направи во овие услови – еднаш меѓу најдобрите 16 и двапати меѓу најдобрите осум во светот. Јас 40 години сум тренер и такво нешто не сум сретнал, во такви услови да се направи таков успех. Затоа сум дополнително горд.

Денес во новинарството почна тренд, па покрај тоа што еден новинар информира, си зема за право и да коментира, да пресудува и да сугерира одговор. Тоа не е новинарство. Новинарството е слобода и демократија. На читателот треба да му се понудат информации, и добри и лоши, а читателот донесува одлука дали тоа е добро или лошо. Наметнувањето и сугерирањето одговор се насилство. Може да се пишува се, но никој не може да ми ја одземе љубовта кон клубот ниту, пак, почитта кон моите ракометари и луѓето што работат во клубот или кон публиката. Никој не може да ми ја одземе љубовта кон Македонија и кон Металург, со кого сум во добро и во лошо. Вчера Монпелје загуби од ПСЖ со 16 разлика, па не видов дека таму по некого се мава со камења. Во овој момент е нереално да се бара од нас во ЛШ да победуваме било која екипа. Им честитам на моите момци за победата над Ла Риоха. Нормално дека сакам да го победиме и Мешков. Нашиот клуб и нашите играчи се борат за опстанок, за живот. Тоа се луѓе со семејства, со деца, луѓе што живеат од тоа. Да се бара нешто од некого што не е реално за мене е еден лукав начин да се притисне човек и да се нападне.

Што уште треба да направиме? Да се качиме на Месечината, во вакви околности? И сега се чека прв пораз за се да се деградира. Ако овие критериуми се применат во сите области во Македонија сите треба да одат на бесилка. Ова морав да го кажам, бидејќи во животот сум се мачел за се што сум постигнал. Никој не ми помогнал во животот. Ми дадоа шанса кога Хрватска беше последна во Европа, но, кога освоив второ место, ме распнаа на крст затоа што не бев прв. Го почувствував тоа. Горд сум и на мојот прв клуб, кој го внесов во Првата ју-лига. Италија по 60 години ја однесов на СП. Со италијански клуб, по 60 години постоење, освоив двојна круна. Двапати бев селектор на светската репрезентација и сум напишал две книги. Имам деца на кои сум горд. И јас сум човек од крв и од месо, и јас грешам. Не се правам светец, но барам малку почитување, не за мене, туку за младината што доаѓа од провинција, што без ничија помош се бори во животот. Јас сум чесен и голем работник.
Знаете дека во овие два месеца во клубот преживуваме едни посебни, специфични моменти и ја користам оваа пригода да ви кажам дека можеби некој знае, а некој не, дека седум години сум работел како професионален ракометен тренер со деца, но и сум се дообразовал, па завршив и новинарска школа на Сојузниот институт по новинарство во Белград. Досега не сум се посрамотил и се афирмирав и во таа струка. Шест години бев дописник на најтиражниот хрватски дневник „Вечерњи лист“, а десет години и главен и одговорен уредник во високотиражен локален дневен весник. Сега постои дигитализиран интернет-систем каде што може сето тоа и да се види. Секогаш го задржав својот карактер и горд сум на тоа. Во името на клубот би сакал да ве замолам, ако можете да ни помогнете во овие тешки времиња за нашиот клуб, да најдете некои позитивни зборови за нашата ситуација“.

09_resize_resizeФилип Миркуловски: “Ова е наша последна можност да останеме во игра за пласман во Топ 16 и тоа е нешто од што нема да се откажеме се додека имаме шанси. Точно е, имаме криза, тешко се работи во овие услови, но, сепак, неделава трениравме со 100 % и сакаме со победа да се простиме од нашата публика. На мечот со Ла Риоха имаше добра атмосфера, се надевам дека истото ќе се случи и в сабота, за на крајот заедно да и се радуваме на победата“.

08_resize_resize

Oдговарајки на новинарско прашање, претседателот на У.О. на Металург, Левче Китевски, го рече следното: “Не сме среќни од бројните написи што во изминатиот период се појавија во нашите медиуми, особено што со многу од тие медиуми имам одлична комуникација. Јас сум секогаш подготвен за отворен дијалог и очекувам, пред нешто да се напише, да се праша и така да се дознае правата вистина. Невистина и шпекулација е наводното заминување на Лино Червар, како дел од договорот со играчите. Металург има свој сопственик, а има и своја политика, која е јасно изложена уште на почетокот од сезоната. Точно е дека е тешко, но ние се обидуваме да се носиме со проблемите. Металург е народен клуб и ние ќе направиме се за да го вратиме на старите патеки и заедно да ја надминеме кризата“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева, “Н.Македонија“.

Прочитано 2.326 пати

(4) Коментари

  1. najdobri

  2. I sto sega? Niti ima potvrda deka Minco ke ostane da go sponzorira klubot, niti ima soopstenie za celokupnata situacija niti nekoi raboti se pojasni.
    Posle utakmicata so Brest Meskov treba da im objasnite na navivacite sirum Makedonija kako vo idnina ke funkcionirate, ama konkretno a ne vo zaviena forma. Barem tolku ni dolzite na nas so go sakame klubot i ke navivame za nego bilo da se bori vo Liga sampioni bilo vo Seha bilo za prvo,bilo da se bori za vtoro mesto itn.

  3. Bravo Lino. Coveciste

  4. me interesira da mi kazenekoj kaj mozam dakupam karti za metalurg brest meskov

Напишете коментар


+ 3 = 8