ЧЕРВАР: ИЗГРАДИВМЕ ИМИЏ НА БОРБЕН И НЕПОКОРЛИВ ТИМ

11.02.2014 15:32
metaturg-pik0banskoliev (21)_resize

rk-metlurg-logo_final_resize

Пласманот во Топ 16 фазата од Лигата на шампионите (ЛШ), трета сезона по ред, е голем, а воедно и очекуван и заслужен успех на Металург. Му честитам и на Вардар за добрата игра и за пласманот во Топ 16, изјави тренерот на Металург Лино Червар, по елиминацијата на Динамо Минск од трката за осминафинале и пласманот на Металург и на Вардар во следната фаза.

Червар заедно со челниците на Металург пред почетокот на сезонава пред себе постави три цели – обезбедување вајлд-карта и пласман во ЛШ, пласман во осминафинале на ЛШ и враќање на титулата во домашното првенство.

– Полека но сигурно ја исполнивме и нашата втора клупска цел. Но не застануваме тука. Металург е екипа што покажа и докажа дека може да се справи со секого. До крајот на натпреварите од групната фаза имаме уште две кола, со Динамо и со Барселона. Точно е дека ќе бидеме ослободени од притисок на задолжителна победа, но и во двата натпревара ќе влеземе максимално ангажирано, без разлика на обезбедениот пласман. Секој бод, секоја победа и секоја добра игра се плус за нашиот тим. Изградивме имиџ на борбен и непокорлив тим и ќе се носиме со тие карактеристики – изјави Червар, кој додаде дека остварувањето на третата цел има најголема тежина, а воедно и најголем приоритет, бидејќи го отвора најлесниот пат за учество во следната сезона од ЛШ.

Металург сега е на третата позиција во групата Ц, но завршницата на натпреварите може да донесе различен распоред, па така, Металург, може да заврши како втор, трет или четврти.

Конечниот пласман во групната фаза ќе зависи од нас, а и од тоа како ќе одиграат другите екипи. Независно на која позиција ќе завршиме, ќе се справиме со предизвикот и против секого ќе играме цврсто и борбено, без разлика дали тоа ќе бидат првопласираните Кил, Веспрем и Хамбург или Левен, Киелце и Флензбург или, пак, третопласираните екипи во групите – кажа Червар.

Металург веќе трета сезона по ред ќе игра меѓу најдобрите 16 екипи во Европа, а стратегот на Металург ја појасни причината за континуираниот успех на тимот од „Автокоманда“.

– Металург како клуб повеќе години макотрпно работи на издигнување и создавање сопствен погон во сите старосни генерации, потпомогнат со искуството на неколкумина квалитетни интернационалци што служат како пример и мотив на идните генерации ракометари. Металург цврсто чекори напред, бидејќи има добро трасиран пат и ветер во грбот од генерациите квалитетни ракометари што следуваат. Ретко кој клуб во Европа има удел со повеќе од 80 проценти во сите старосни репрезентации на својата држава. Металург го има тоа и е горд на својата иднина – рече Червар.

Статијата е преземена од дневникот “Нова Македонија“.

Автор: Тања Димитриоска.

Прочитано 2.111 пати

(1) Коментар

  1. samo napred!!

Напишете коментар


+ 7 = 12