Червар: Сакаме да покажеме дека сме рамноправни со останатите клубови

07.09.2016 17:47
GIL_7400_resize_resize

Металург денеска ја одржа својата прва прес-конференција во новата сезона, по повод утрешната средба од првото коло на СЕХА-лигата, против градскиот ривал Вардар.

На прес-конференцијата своите ставови ги кажаа шефот на стручниот штаб на Металург Лино Червар, а играчите, пак, беа претставени преку капитенот Филип Талески и ракометарот Филип Кузмановски.

Металург е повторно во СЕХА-лигата и веднаш на почетокот го имаме македонското дерби со екипата на Вардар. СЕХА-лигата е важна за Металург, особено за нашите млади играчи, кои низ натпреварите во оваа лига, која е најсилна досега, ќе стекнат искуство.

Вардар е фаворит, но ние ќе се обидеме да пружиме силен отпор. Ова е добро познато дерби и сите имаме силни мотиви. Ние имаме млади играчи, но тие се нашата иднина. Цврсто стоиме на земја, но и свесни дека не очекува многу работа, па мораме да имаме трпение. Во овој наш состав ни е потребен секој играч, сезоната е долга и не очекуваат многу натпревари. Но нашите ракометари се млади и, ако вредно работат и живеат спортски живот, ќе треба да го издржат овој ритам. Секој од нив мора да понесе одговорност, почнувајќи од Талески, кој е веројатно најмладиот капитен во Европа, па се до сите останати. Ние мораме да изградиме тим, бидејќи само така можеме да ги надополниме недостатоците во квалитет во однос на другите екипи. Мораме да се бориме, да бидеме дисциплинирани.

Во овој момент не можеме да сметаме на комплетниот тим, бидејќи повредени се Обрадовиќ и Дрогришки, со кои не сакам да ризикувам на овој натпревар.

Јас никогаш не се предавам и никогаш не истакнувам бело знаме, па, ако можам да победам, ќе направам се за да победам. Не можам да гарантирам резултат, но сакаме да покажеме дека сме чекор понапред од порано. Би бил задоволен, ако на крајот од сезоната оставиме добар впечаток“, рече Червар.

Среќен сум што повторно ќе играме во СЕХА-лига, која е сè посилна. За нас, младите ракометари, тоа е едно големо искуство и мотивација, особено што ќе се соочиме со екипи како Вардар, Целје и Веспрем. Нашиот прв натпревар ќе биде токму против градскиот ривал, а сите знаеме дека ова не е само еден обичен дуел. Секогаш овие натпревари се играат со големи емоции и мислам дека борбеноста ќе го реши победникот. Што се однесува до нас, ние сигурно ќе дадеме сè од себе за да дојдеме до поволен резултат“, изјави Филип Талевски.

Сите млади играчи се желни за голема борба и за докажување. Знаеме дека Вардар е фаворит, но мислам дека тоа дополнително ќе не мотивира и се надевам дека ќе одиграме квалитетно“, додаде Филип Кузмановски.

Фото: Игор Бансколиев, “Нова Македонија“.

Прочитано 3 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 + 4 =