Дамир Стојановиќ: Формата ќе ја темпираме на силните турнири во Москва и во Кањижа

04.07.2019 22:33
62582158_300662297480723_5521858179077505024_n_resize

Подготовките за новата сезона ракометарите на Металург ќе ги почнат на 29 јули, за кога е закажан и првиот собир со новиот тренер Дамир Стојановиќ во Автокоманда. За ракометарите на Металург, годинашната сезона официјално ќе почне во почетокот на септември со меч од Суперкупот на Македонија во кој противник ќе им биде градскиот ривал Вардар, а почетокот на натпреварите од Суперлигата е предвиден за 7/8 септември.

Од 29 јули до 5 август металурзите ќе тренираат во салата во Автокоманда, а од 6 до 12 август ќе заминат на висински подготовки на Копаоник, каде што е предвидено екипата да работи на кондициска и на техничко-тактичка подготовка.

Запознавање со планот и со програмата за работа и поставување цели за сезоната ќе бидат тема на нашиот прв собир, кој е предвиден за 29 јули. Потоа седум дена ќе тренираме во Скопје за новите играчи и тренерите да се адаптираат меѓусебно, а потоа подготовките ќе продолжат на Копаоник каде што ќе го зголемиме интензитетот на работа и каде што ќе почнеме со создавање на база за сите напори што нѐ очекуваат“, изјави Стојановиќ.

Во рамките на подготовките за новата сезона, Металург во втората половина на август ќе учествува и на два пријателски турнири, првиот во Русија (Москва), а вториот во Србија (Кањижа).

По завршувањето на подготовките на Копаоник кратко се враќаме во Скопје од каде што заминуваме на турнир во Москва во организација на Чеховски медведи. Тој турнир ќе биде почеток на уигрувањето на екипата, а следниот турнир во Кањижа ќе го искористиме за завршна техничко-тактичка подготовка на екипата. Август ќе го затвориме со гостински меч во Лесковац, па до почетокот на сезоната формата ќе ја одржуваме во салата во Автокоманда“, рече Стојановиќ.

На првиот турнир во Русија (од 15 до 19 август) Металург за противници ќе ги има белорускиот првак Мешков Брест, романска Стеауа и домаќинот, првакот на Русија, Чеховски медведи, а на турнирот во Кањижа (22-25 август) металурзите ќе играат со Нексе (вицешампион на Хрватска), Партизан (Србија) и Рамат Шарон (Израел).

Тања Димитриоска

Прочитано 253 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 3 = 6