Данило Брестовац: Денеска одигравме лошо во одбраната

09.12.2018 22:09
_DSC0086_resize

На редовната прес-конференција по средбата со Мешков Брест, натпреварот го коментираа тренерите на двете екипи и одбраните ракометари.

.

Данило Брестовац: “Честитки за гостинската екипа, денеска тие заслужено победија. Искрено, кога го следев натпреварот,  очекував дека ќе влезат во ротација и тогаш би имале и поголеми шанси. Но, Мешков одигра со истите играчи дури 57 минути. Дефанзивно денеска одигравме лошо. Дали не стигна замор, тоа не можам веднаш да го кажам. Напаѓачки бевме добри. Главната замерка ми е што не се браневме добро од таа шутерска линија на Мешков. Тактичко и технички бевме лоши, ментално можеби исто така паднавме, а и голманите не беа расположени“.

Брестовац го коментирше и постигнатото, откако тој е на кормилото на Металург.

“Некој посебен резултат оваа сезона не ни се бараше. Немаме ни направено некој голем резултат, со кој би можеле да се пофалиме. Работиме на долги патеки и сме во фаза на создавање екипата. И самите играчи досега не сме ги изложиле на резултатски притисок. Имаме одлична атмосфера во тимот и работиме напорно. Јас имам разбирање за секого, затоа што секои три дена играме меч. Тоа би бил проблем и за подобрите екипи, а не пак за млада екипа како нашата. Ракометарите мораат да сфатат дека се влезени во свет во кој нема назад, затоа што се наоѓаат на чекор до врвниот ракомет. На чекор до репрезентативен дрес. Ако ги следиме Димитриоски, Танковски, Серафимов, Шилегов и останатите млади, тие се на чекор до нешто големо. Тие самите треба да дојдат до најдобра селекција. Гледано во целина, ние имаме напредок, напредуваме секојдневно. Доволно е да се спореди денешната средба и таа првата одиграна со истиот противник. Имаме разигран тим, а тука се и Гонзало и Шпенде, кои знаат да повлечат кога е потребно, иако и тие се млади. Најважно е што знаеме каде одиме и каде ни е патот. Знаеме дека е тешко кога ќе се загуби, но преку ноќ ништо не се создало. Лесно е да се направи ѕвезден тим со 20 милиони евра и на влезот во салата да се напише „Добредојдовте во Дизниленд“. Погледнете ги играчите на Мешков, тие во Брест дојдоа од Фленсбург, Нант, Пик Сегед… Од каде дојдоа нашите млади играчи? Нам ни е потребно време, затоа што, сепак, се работи за млади ракометари. Малку не погоди и повредата на Велковски, затоа што тој е наш капитен и во него гледавме играч кој ни е потребен. Имаме стратегија да ги промовираме македонските ракометари, за сметка на странци“.

Мартин Серафимов: “Честитки за Брест за победата. Иако дојдоа во помал број и подмладени, ние се надевавме на поволен резултат. Одбраната беше пресудна на овој натпревар. Можеби требаше да играме поостро. Имаше и некои судиски одлуки, но не би сакал да ги коментирам. Пешиќ беше одличен на голот и во клучни моменти фати неколку зицери“.

Андреј Мочалов: “Знаевме дека Металург е млада екипа и дека игра брз ракомет. Го следевме мечот против Вардар и го увидовме тоа. Бевме сериозно подготвени за овој натпревар, бидејќи ни се важни овие бодови во борбата за фајналфорот. Во вториот дел се обидовме да го задржиме резултатот, дадовме важни голови и го приведовме мечот кон мирен финиш. Одличен настап имаше нашиот голман Пешиќ, кој влечи помала повреда, но сепак го даде својот допринос“.

Шиме Ивиќ: “Игравме три средби во два дена. Дојдовме во Скопје со нов тренер, подмладени, но и покрај тоа сакавме да победиме. Металург играше добро, тешко беше да се скршат на почетокот. Тоа успеавме да го направиме дури по 50-тата минута. Ние дадовме се од себе за да победиме. Се уште сме во игра за фајналфор и многу ќе решава веќе наредниот меч со Татран Прешов на гости“.

Фото:

Прочитано 84 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 3 = 10