Данило Брестовац претставен како нов шеф на стручниот штаб на Металург

25.07.2018 13:45
brestovac 02_resize

Металург денеска одржа прес-конференција на која беше промовиран новиот шеф на стручниот штаб – Данило Брестовац.

Брестовац се враќа во Металург по неколкугодишна пауза, по ангажманите во францускиот Шамбери и луксембуршкиот Ред бојс Диферданж. Брестовац при својот последен ангажман во Металург ја обавуваше функцијата помошник на Лино Червар.

Преходно, претседателот на Металург Зоран Цветановски им се заблагодари на Лино Червар и на Александар Јовиќ за нивните ангажмани во нашиот клуб.

На сите ни беше јасно дека ќе дојде денот кога Металург ќе влезе во „пост-Червар“ фаза, и денеска е токму тој ден. Сакаме да изразиме огромна благодарност до господинот Червар за се што направи за клубот во изминатите години. Тој повеќе не е со нас, продолжува во Загреб, а на нас е да продолжиме понатаму со квалитетна работа“, рече Цветановски.

“Металург останува на истиот курс, оној по што е познат и во Македонија и пошироко, создавање на млади ракометари кои преку нашиот клуб се афирмираат и стануваат имиња. И за следната сезона имаме млади ракометари кои ќе ја добијат својата шанса, така што од тој поглед воопшто нема потреба да се грижиме за иднината“, продолжи Цветановски.

Тој му се заблагодари и на досегашниот тренер Александар Јовиќ:

“Јовиќ му се најде на клубот во многу тешки моменти, Јовиќ многу помогна и ја изнесе таа тежина на свои плеќи, Јовиќ беше на разговор со управата и беше договорено соработката спогодбено да заврши“.

Цветановски го образложи и ангажирањето на Данило Брестовац, кој е поранешен играч и тренер на Металург, но и актуелен селектор на кадетската и на младинската репрезентации на Македонија, а токму во овие категории Металург е секогаш особено силен.

Еден од потезите кој беше логичен да се направи е назначување на Данило Брестовац како нов член на стручниот штаб. Ќе ве потсетам дека тој работеше со Червар, јасни му се принципите, а ние сакаме да продолжеме во таа насока и затоа ќе продолжиме да работиме со млади играчи. Оваа сезона повторно имаме обврска и привилегија да сме втори во Македонија, да играме во СЕХА-лигата, а ЕХФ ни укажа доверба и повторно ќе играме во ЛШ. Значи Металург уште не ги потрошил кредитите од блескавите настапи од пред 4-5 сезони. Затоа останува на истиот курс, на она по што е познат, произведиување на млади ракометари кои преку ЛШ и СЕХА се афирмираат и стануваат имиња“, рече Цветановски.

После Цветановски, на новинарите им се обрати и новиот тренер на Металург Данило Брестовац.

“Голема благодарност до претседателот и сопственикот на клубот, кој по три години ми овозможува да се вратам дома, во клубот кој го чувствувам како свој. Јас не сум илузионист, не сум Дејвид Коперфилд, па да дојдам со магично стапче и да направам чуда. Можам да ветам дека во следниот период Металург ќе остане лидер во регионот по работата со млади категории. но се надевам и дека ќе го дигнеме клубот на едно ниво погоре. Целта е таа, Металург и натаму да биде фабрика што ќе произведува играчи за големите европски клубови. Имам поддршка од сопственикот во Металург да ги примениме тие современи методи и системи од моето искуство во Шамбери и да бидеме во чекор со сите тие современи тренерски процеси, со што би профитирал Металург, но би профитирале и македонскиот ракомет и репрезентацијата. Овде ќе има можност за оние што сакаат да работат, да напредуваат во својата кариера. За три години пак ќе се собереме и ќе подвлечеме црта што имаме сработено. Не сакам многу да зборувам, сакам повеќе да работам. Сакам да останам цел живот во Металург. Знам дека ќе биде тешко да одиме ниво погоре, но мојата младост и амбициозност ќе ми биде голем адут за да го направиме тоа. Сакам прво да ја одберам македонската база на играчите, а со странците не знам како ќе се одвиваат работите“, изјави Брестовац, кој побара уште неколку дена за да го комплетира својот стручен штаб и да ги претстави своите идни планови.

Фото:

Прочитано 304 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 6 = 3