Данска не дозволи изненадување во Алборг

14.03.2021 18:28
mkd-938x535

Селекцијата на Данска ни врати за поразот во Скопје, откако пред малку во Алборг ја совлада Македонија со огромни 16 голови разлика, 37:21 (17:10). Ова е прв пораз на нашиот национален тим во овие квалификации, по трите претходно  забележани победи.

Никој не очекуваше дека светскиот шампион ќе си дозволи два порази во само три дена и беше јасно дека Данска исклучително мотивирано ќе влезе во реванш-натпреварот со Македонија. Можеби тоа и беше причината на овој натпревар да не настапат Кире Лазаров и Филип Миркуловски, покрај повредениот Столе Стоилов, за сметка на кои им се даде шанса на помладите.

Македонија беше рамноправна само по почетната фаза на средбата, се до резултат 6:5 во полза на Данска. Се потоа беше во знакот на домашната селекција. Ние не успеавме да ја повториме играта од Скопје, па не бевме конкурентни ниту во одбраната ниту во нападот.

Како и да е, Македонија ништо не загуби од шансите за пласман на ЕП 2022, иако не е сеедно на кое место ќе ја завршиме групата. До крајот на квалификациите не очекуваат уште средбите со Финска на гости (28 април) и со Швајцарија во Скопје (2 мај). Ако не се случи сензација во следното коло во кое Данска ќе и гостува на Швајцарија, само еден бод не дели од второто место во групата.

.

Данска – Македонија  37:21 (17:10)

Данска: Н. Ландин (4 одбрани), Нилсен (2 одбрани), Мелер (16 одбрани) 1, М. Ландин 1, Јакобсен 2, Линдберг 1, Мелгард 1, Ларсен 4, Тофт Хансен 5, М. Хансен 4, Ј. Хансен 3, Андерсон 2, Н. Нилсен 1, Холм 3, Гидсел 7 и Халд Јенсен 2.    Седмерци: 3/4.   Исклучувања: 6 мин.

Македонија: Митревски (4 одбрани), Томовски (3 одбрани), Манасков 1, Велковски 3, Кузманоски 1, Ѓорѓиев, Талески 1, Маркоски 2, Кузмановски 5, Костески 2, Георгиевски 2, Ѓоргоски, Младеновиќ 1, Пешевски 3, Аларов и Серафимов.     Седмерци: 1/2.   Исклучувања: 10 мин.

Судии: Петер Хорват и Балаш Мартон од Унгарија.

Делегат: Јорн Мелер Нилсен од Данска.

Прочитано 494 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 + = 10