Димовски: Нова потврда за создавачкиот концепт Металург

01.06.2018 11:26
GIL_9661_resize

Со пораз од Вардар во последното коло од плејофот ракометарите на Металург ја завршија сезоната во домашното првенство како вицепрваци на Македонија. Тоа е позиција што и за наредната сезона на Металург му обезбедува учество во Регионалната лига и реална можност Европската ракометна федерација позитивно да одговори на апликацијата на клубот за дополнително место во Лигата на шампионите.

За следната сезона Металург останува без услугите на својот долгогодишен член, пикерот Жарко Пешевски (27), за кого мечот со Вардар беше последен во сино-белиот дрес. По 16 сезони поминати во тимот од Автокоманда Пешевски во следните три сезони ќе ги брани боите на украинскиот првак Мотор од Запорожје.

Од една страна сме тажни што остануваме без услугите на нашиот Пеше, но од друга страна сме среќни што од нашиот погон на интернационална сцена излегува врвен пикер, кој почнува да се искачува на европското ракометно скалило и кој е уште една позитивна потврда за создавачкиот концепт на Металург. Ние како клуб му посакуваме остварување на амбициите и многу среќа во понатамошната кариера“ вели Ванчо Димовски, директорот на Металург.

Металург и за наредната година најави апликација за учество во ЛШ, па во периодот што следува раководството ќе работи на составување конкурентна екипа.

Покрај заминувањето на Пешевски, планираме да ослободиме двајца ракометари од крилните позиции, а ќе се потрудиме да го задржиме остатокот од екипата предводен од бековска линија со Халил Јагањац, Филип Кузмановски и со Мартин Велковски. Од наредната сезона во нашите редови се враќа десниот бек Томи Јагуриновски, кој беше на заем во Битола, а ќе се врати и централниот бек Лука Стојановиќ, кој се рехабилитира по повредата на лигаментите што ја имаше во почетокот на минатата сезона. Дополнително сме во потрага по пикер и по голман, со кои сакаме дополнително да ги засилиме тие две позиции“, рече Димовски.

Тања Димитриоска.

Прочитано 931 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 6 = 2