Добриот Металург не успеа да освои бодови во Нови Сад

29.11.2018 22:16
47153128_2020922378001012_3213133959772766208_n_resize

Навистина е неверојатно тоа што му се случува на Металург во тековната сезона во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата. Никогаш надигран, често подобар од своите противници, Металург нанижа низа порази на натпревари од кои можеше и мораше да извлече многу повеќе. Денешната средба со српскиот шампион е токму таква, бидејќи Металург беше подобар во текот на 45 минути во кои комплетно го надигра домашниот состав и во кои во еден момент имаше и огромна предност од седум голови, но на крајот сепак не освои бодови.

Денеска видовме неверојатен Металург во првите 20 минути, сигурно нашите најдобри минути во досегашниот тек на сезоната. Одигравме фантастично во нападот и солидно во одбраната, без технички грешки и без многу загубени напади. Ритамот на Металург не го поремети ниту раната повреда на Јагуриноски, кому му пукна аркадата и кој уште на почетокот на средбата ја напушти истата. Растрчаниот Металург комплетно го надигра домашниот тим и во 21. минута имавме неверојатни +7, 8:15. Но, кога сите очекувавме дека Металург е на добар пат да стигне до втората победа, во моментите кога бевме најдобри – се случува необјаснив пад во нашата игра и Војводина најпрво прави серија од 3:0, а потоа и комплетно влегува во игра за бодови, бидејќи во 29. минута резултатот е 15:16… Првото полувреме сепак го добивме со два гола разлика, 15:17, кои оставија надеж дека во продолжението ќе бидеме барем приближно добри како на почетокот на средбата.

За жал тоа не се случи. Иако ние први постигнавме гол и поведовме со 15:18, а потоа и со 17:20, многу брзо се почувствува замор кај главните играчи на Металург, кој се потешко доаѓаше до шанса за гол, за разлика од Војводина која, пак, искористи се што можеше и во 44. минута поведе со резултат 24:23. Во преостанатите 16-ет минути се водеше рововска борба за секој гол, но иницијативата дефинитивно мина на страната на Војводина. Во последната минута влеговме со резултат 30:30, но дозволивме среќен гол на Челица, а потоа не ги искористивме преостанатите 20 секунди во кои преку Маџовски упативме удар, но тој заврши во стативата на голот на Перовиќ.

Металург денеска навистина заслужи повеќе од пораз, до кој веројатно немаше да дојде да имавме малку повеќе среќа, судиите да не ја толерираа грубата игра на Војводина, да не промашивме дури три седмерци (Војводина 6/6), или пак пак да имавме повеќе од пет одбрани на нашите голмани (оние на Војводина имаа 12 одбрани).

.

Војводина – РК Металург 31:30 (15:17)

Војводина: Перовиќ (12 одбрани) 1, Ничиќ, Милиќ 2, Мирковиќ 1, Челица 7, Потпара, Анџелковиќ, Маријанац, Продановиќ 1, Томиќ 4, Станковиќ 3, Николиќ 3, Роган, Милашевиќ, Грозданиќ 8 и Вучичевиќ 1.    Седмерци: 6/6.    Исклучувања: 6 минути.

РК Металург: Даниловски (5 одбрани), Томовски, Јагуриноски, Лазаревски, Димитриоски 5, Токиќ  6, Шилегов, Танкоски 3, Серафимов 2, Шпенде 7, Рибеиро 2, Пучник 2, Миличевиќ 2, Маџовски, Стојановиќ и Арсеновски.    Седмерци: 3/6.    Исклучувања: 8 минути.    Црвен картон: Миха Пучник (3х2 минути)

Прочитано 115 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 + = 14