ЕКСКЛУЗИВНО ЗА САЈТОТ НА МЕТАЛУРГ, ДАМИР БИЧАНИЌ: “ЗНАМ ШТО НЕ ЧЕКА ВО СКОПЈЕ“

29.11.2012 18:12
55234_big_resize

Дамир Бичаниќ, ракометар на Шамбери.

“Металург секоја година прави изненадување во ЛШ, а годинава игра одлично и со добра ждрепка може да стигне и до четврт-финалето“, вели хрватскиот ракометар во пресрет на утрешниот меч Металург – Шамбери во Лигата на шампионите.
“Знам што нe` чека во Скопје. Едвај го чекам натпреварот, оти обожавам да играм во пеколна атмосфера. Вие имате неверојатни навивачи и се надевам дека тоа нема премногу да влијае на моите соиграчи“, изјави ексклузивно за сајтот на Металург Дамир Бичаниќ, хрватскиот репрезентативец и член на францускиот Шамбери, пред утрешниот меч со Металург во Скопје (16 ч.), во 7. коло на Лигата на шампионите (ЛШ).
Левиот бек Бичаниќ (27 години, 195 см, 98 кг) во Шамбери сезонава во ЛШ заигра дури во 4. коло и досега постигна седум гола (по два на двата меча со Горење и три против Киелце). Шамбери, кој загуби дома од Металург со 30-33 во 1. коло, по шест кола сезонава нема ниту еден бод.

remobilisation-l-heureetait-deja-ala-remobilisation-dimanche-soir-pour-damir-bicanic-et-les-chamb_resize

Не игравте против Металург во 1. коло од ЛШ, поради повреда, но сега веројатно се е во ред. Може ли Шамбери со ваша помош да се врати во игра во групата Ц, на мечот со Металург утре во Скопје?
Бичаниќ: По Олимписките игри се повредив и не играв речиси два месеца. Тоа остави трага на мојата физичка подготовка. Сега сум во фаза на враќање во форма, а тоа е процес што ќе потрае некое време. Се доведовме во ситуација во која шансите за пласман во осминафиналето ни се сведени на минимум. Но уште не сме се предале. Ќе дадеме се од себе да се најдеме меѓу најдобрите 16 во Европа.

Дали сте играле некогаш против македонска екипа и кои се вашите впечатоци околу сето ова што се случува со Металург и со македонската репрезентација последниве неколку години?
Бичаниќ: Играв двапати во Македонија. Со Загреб против Металург и со Адемар Леон против Вардар. И двата пати победив, па така во Македонија секогаш сум имал убави искуства. Секако дека го следам македонскиот ракомет и морам да признаам дека во последните неколку години сте во подем. Репрезентацијата игра на големите турнири, а Металург секоја година прави изненадување во Лигата на шампионите. Годинава Металург игра одлично и мислам дека со добра ждрепка може да стигне и до четврт-финалето.

presence-avec-sept-realisations-damir-bicanic-aura-ete-l-un-des-savoyards-les-plus-efficaces-le-d_resize

Со тренерот на Металург, Лино Червар, одлично се познавате. Очекувате ли тој кон вас да одигра специјална тактика за да го намали вашиот придонес? Сепак сте вие еден од главните играчи во тимот.
Бичаниќ: Добро го познавам Червар и не верувам дека ќе ја менува својата тактика поради еден играч. Червар има своја концепција во Металург, која добро функционира и затоа нема потреба да ја менува.

Со Шамбери играте во една од најсилните лиги во светот. Каде се гледате во иднина на клупско и на репрезентативно ниво? Бундес-лига, Источна Европа или можеби пак во екипа од овие простори?
Бичаниќ: Со Шамбери имам договор уште три години и не размислувам за заминување. Ми се допаѓа Франција, а и француската лига е секоја година сe` посилна. Никогаш не сум сакал да играм во Бундес-лигата и ако заминувам од Франција, веројатно ќе се вратам во некој клуб поблиску до дома, кој има големи амбиции. Хрватската репрезентација е нешто посебно. Да се игра за својата татковина е голема гордост и дополнителен мотив. Тоа е повеќе од ракомет. Пред нас е СП во Шпанија и ако сите бидеме здрави, можеме да го освоиме златото.

Прочитано 976 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


4 + = 8