Еве што рекоа нашите репрезентативци по победата над Бахреин…

13.01.2019 16:56
49864116_2026892997358967_7682739805758685184_n

Втор натпревар на СП во Германија и во Данска и втора победа на нашата репрезентација. По Јапонија падна и сребрената од првенството на Азија – селекцијата на Бахреин. Тоа секако го подигна нивото на самодоверба кај нашите ракометари, кои по средбата изјавија:

.

Кире Лазаров: “Позадоволен сум од овој натпревар, бидејќи Бахреин е понезгодна селекција од Јапонија, а добро е што одморивме во последните 15-тина минути. Како и секогаш, имавме осцилации, имавме добри и лоши моменти. Започнавме одлично како и на првиот меч, но потоа имавме голем пад и му дозволивме на Бахреин да направи серија од 5:0. Тоа се работи што загрижуваат и што прават да не знаеме што да очекуваме од себе кога ќе дојдат натпревари на повисоко ниво. Позитивно е тоа што ние кои играме цело време, денеска одигравме 40 минути и одморивме на крајот. Утре против Хрватска сме на голем испит, треба да влеземе без притисок, со тоа што фаворитската улога да им ја предадеме на Хрватите. Ќе се бориме, изненадувања се можни во ракометот. Наш плус е тоа што Хрватите допрва треба да играат, допрва ќе треба да трчаат со Јапонците кои нас не изнатрчаа“.

Стојанче Стоилов: “Ја оправдавме нашата фаворитска улога. Можеби некој сакаше победа и над десет гола разлика, но на крајот ова е сепак реален резултат. Најважно е што ги сочувавме своите сили. Имавме пад во одредени делови од мечот, но на крајот славевме лесна победа. Во финишот товарот го имаа младите ракометари, ова е големо искуство за нив и само така нека продолжат“.

Филип Чурлевски: “Селекторот ми кажа дека во второто полувреме ќе добијам поголема улога, морам да признаам дека имав и мала трема, но верувам дека воглавно ги исполнив задачите што ми ги даде. Сепак, ова ми е прв настап, го постигнав и првиот гол, а чувството да се даде гол за Македонија на меч од СП е феноменално. Задоволен сум од минутажата, но секогаш се може подобро, се надевам дека на идните натпревари уште повеќе ќе ја оправдам улогата на стручниот штаб. Ни останува да работиме напорно и да ги слушаме советите на селекторот, кои ни се од голема помош. Пред нас се три тешки средби, но ние нема да се предадеме против никого, ќе влеземе без страв и ќе се бориме за победата на сите натпревари“.

Филип Талески: “Не беше лесно како што сега изгледа, бидејќи Бахреин е квалитетен противник кој има шанси да изненади и некој од фаворитите. Го дадовме нашиот максимум и го добивме натпреварот, но имавме и доста грешки во нападот, избразни шутеви, а тоа мора да го исправиме пред потешките натпревари. Подготвени сме за утре, мислам дека Хрватска ни е нашата најголема шанса и ќе мораме да бидеме максимално фокусирани. Тоа за нас ќе биде клучниот натпревар. Мораме да се одмориме и да направиме анализа и максимално подготвени да влеземе во натпреварот“.

Филип Лазаров: “На првиот меч примивме 29 гола, но денеска ја зацврстивме одбраната и го сопревме Бахреин на 23 погодоци. Задоволни сме од триумфот, во финишот успеавме и да одмориме дел од силите и сега ќе се фокусираме на следниот меч со Хрватска. Тие можеби се благи фаворити, но ние ќе се потрудиме да го дадеме најдоброто и да оствариме позитивен резултат“.

Задоволен беше и селекторот Раул Гонзалез, кој сепак предупреди дека најтешкото допрва доаѓа.

Раул Гонзалез: “Честитки за селекцијата на Бахреин, која одигра одличен натпревар, посебно со нивната одбрана, која во првото полувреме го намачи нашиот напад. Сега започнува вистинскиот турнир за нас, следат европските репрезентации и секој детал е важен. Дури и гол-разликата не е за занемарување. Свежи сме, вчера имавме слободен ден, а и денес некои ракометари одморија. Хрватска е нашиот следен противник, а сите знаеме која е Хрватска. Тоа е селекција која има дел од најдобрите ракометари на светот и има амбиција да се бори за медел. Имаме почит кон нив, но ќе си ја бараме нашата шанса. За да успееме против нив, треба да одиграме добра одбрана како денеска против Бахреин, и добар напад како против Јапонија“

Прочитано 764 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


8 − = 3