ЕВРОПА Е ВО НЕДОУМИЦА. КАДЕ Е КРАЈОТ НА НАШИТЕ МОЖНОСТИ ?

14.10.2012 19:30
CL-h_ndbold__BSV_-__687489a

Неверојатен старт има шампионот на Македонија. Три победи од три натпревари, две на двете досегашни гостувања. И најголемите оптимисти не предвидуваа такво нешто. Освоивме четири гостински бода, исто колку за целата мината сезона. Неверојатно. Европа е вчудовидена, “големите“ прават нови калкулации, во кои е вметнато и името на Металург. Нашиот тим тропа на сите врати, кои, една по една, и ги отвара.

Металург можеби не одигра убаво за око, како на претходните две средби, со брзи контри и голем број на голови. Меѓутоа, Металург покажа карактер, покажа инает каков што досега немаме видено и загубеното од првото полувреме го надомести во еуфоричното второ. Иако во вториот дел данските ракометари ја имаа очигледната и обилна помош на шпанските арбитри, иако 14 минути игравме без ракометар, а во неколку наврати и без двајца, Металург докажа дека е екипа од голем калибар.

Станиќ, со рекордни 22 одбрани сезонава, е носителот на победата. Наумче Мојсовски, Вугринец и Георгиевски се нејзините творци.

Одигравме лошо прво полувреме во кое имавме 9 технички грешки и два промашени седмерци. Игравме добро во одбраната, но лошо во нападот. Успеавме да прокоцкаме драгоцено водство од 4:2, до кое дојдовме со головите на Вугринец, Миркуловски, Манасков и Наумче Мојсовски. За три минути (од 9. до 12.) примивме четири невозвратени гола и до крајот на полувремето бевме во негатива.

А потоа дојде вториот дел. И видовме друг Металург. Моќен, немилосрден, упорен. Многубројните неправди како да се одбиваа од нас. Бевме еднакво опасни, без разлика дали настапувавме со четири, пет или шест ракометари на теренот.

Иако Силкеборг одржуваше висока предност се до 40. минута, 18:14, Металург не се предаде. Георгиевски, Козлина и Вугринец направија серија од 3:0 и дојдовме на само чекор до израмнувањето. Конечно, израмни Миркуловски со својот втор гол во 47. минута, 19:19. Потоа играше само Металург. Од 53. до 57. минута Наумче Мојсовски постигна три гола. Со првиот ни го врати водството, со другите ни создаде предност.

Ете, така победивме. Така ќе се прераскажува овој натпревар. Поинаков од претходните два, па сепак величествен.

Силкеборг – РК Металург   23:26 (14:11)

Силкеборг: Лауге Шмидт 5, Николај Орис Нилсен 5, Јоргенсен 4, Мортенсен 4, Јакобсен 2, Киркегаард 2, Мадс Орис Нилсен 1, Баге, Крејберг, Кристијансен, Каспер Нилсен, Олафсон, Шилинг, Шијан и Тофт Хансен.     Седмерци: 3/5.    Исклучувања: 8 минути. 

РК Металург:  Станиќ (22 одбрани), Ангелов (одбрани пенал), Н.Мојсовски 7, Георгиевски 5, Вугринец 5, Козлина 3, Димовски 2, Миркуловски 2, Батиновиќ 1, Манасков 1, Алушовски, З.Мојсоски, Ракчевиќ, Додер, Стоилов и Јоновски.    Седмерци: 3/5.      Исклучувања: 16 минути.    Црвен картон: Миркуловски во 56 минута. 

Судии:  Грегорио Муро Сан Хозе и Алфонсо Родригез Мурсија од Шпанија.

Делегат: Гунар Гунарсон од Исланд.

Фото:

Прочитано 2.268 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


3 + 9 =