ЕВРОСЕЗОНАТА НА МЕТАЛУРГ ДОЈДЕ ДО СВОЈОТ КРАЈ

25.03.2012 22:28
Velux-EHF-Champions-League

Завршија настапите на Металург во Лига на шампиони. Нашиот тим е поразен во Загреб од истоимената екипа со резултат 21:26 (10:12).

Загреб поведе од првата минута и го задржа водството до самиот крај. На моменти противникот водеше и со повеќе гола разлика, најмногу +6, при 11:5. За оние кои не го следеа натпреварот ваквите “суви“ бројќи се знак за сигурна и доминантна победа на екипата на Загреб. Меѓутоа, не беше се така. Металург се до несреќната 53 минута беше постојано во игра, постојано на само чекор од големиот успех. Натпреварот се прекрши во 53 минута по една несреќна одлука на шпанскиот арбитар. Одлука која конечно ни ја запечати судбината.

Сепак, основната вина за поразот лежи во самите нас. Одигравме едно лошо полувреме, веројатно најлошо во тековната сезона во Лига на шампиони. Влеговме помалку импресионирани од важноста на мечот. Ако во одбрана уште и се држевме, во нападот игравме исплашено и без идеја. Најлошо играа најдобрите и најискусните. Противникот ги искористи нашите слабости и брзо дојде до опиплива предност.

Првиот гол го постигна Штрлек уште во првата минута. Козлина израмни на 1:1 во следната. Резултатски се држевме се до 10 минута кога беше 4:3. Потоа Загреб постигна три невозвратени гола и создаде предност од четири гола, 7:3 во 15 минута. Ситуацијата стана алармантна во 22 минута кога Штрлек и Хорват зголемуваат на 11:5. Во тие минути кај многумина се роди страв од наша катастрофа. Сепак, Металург најде сили и во следните осум минути направи серија од 5:1 па двете екипи на полувреме заминаа со за нас надежни 12:10.

Во второто полувреме се водеше сосема поинаква борба. Играта доби во драматичност. Иако Загреб е тимот кој прв реализира два гола, Металург возврати со четири свои гола и во 38-та минута го израмни резултатот на 14:14. Во тие моменти се чини дека Загреб беше зрел за пораз. Сепак, по неколку наши несватливи грешки дозволивме нова серија на домаќинот од 4:0 и ново сигурно водство од 18:14, во 45 минута. Металург не се предаде и на двапати се доближи на само два гола разлика. Особено е важна 53-тата минута. Резултатот беше 19:17, Загреб играше се потешко а психолошката предност постепено премина на наша страна. Бевме на само еден гол од потребниот резултат. Имавме идеална ситуација. Кај Загреб беше исклучен Вуќиќ а кај нас Марковиќ, Станиќ феноменално одбрани и арбитрот кој беше во непосредна близина даде знак за продолжување на играта. Тогаш дотрча другиот арбитар кој играта ја следеше од средината на игралиштето. На изненадување на сите присутни тој го исклучи Миркуловски и досуди седум метри. Загреб постигна гол а потоа ја искористи и предноста од прво еден а потоа и два играчи и веќе во 55 минута создаде недостижна предност од 5 гола. Последните 5 минути не дадоа ништо ново и крајниот резултат е 26:21.

Така заврши нашето учество во Лига на шампиони.

РК КО Загреб – РК Металург  26:21 (12:10)

РК КО Загреб: Шего, Мариќ 3, Брозовиќ, Копљар 4, Матулиќ, Шпилер 2, Шебетиќ, Гојун 1, Штрлек 4, Хорват 7, Пешиќ, Ј.Валчиќ 1, Вукиќ 1, Т.Валчиќ 1, Балиќ 2, Калеб.     Седмерци: 4/5.    Исклучувања: 10 минути.

РК Металург: Станиќ 13 одбрани, Ангелов една одбрана, Митревски, Левов, Димовски 2, Марковиќ 5, Наумовски, Георгиевски 1, Козлина 2, Миркуловски 1, Маркоски, З.Мојсоски, Н.Мојсовски 7, Стојчевски, Јоновски и Алушовски 3.      Седмерци: 3/4.     Исклучувања: 12 минути.

Прочитано 915 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


4 − 3 =