ФИЛИП МИРКУЛОВСКИ ГО РЕШИ ПОБЕДНИКОТ ВО НАШИЦЕ

08.12.2012 22:13
rknexe8_12_10_resize

Најпосле, по три одиграни средби, дојдовме до победа против тимот на Нексе. Металург извојува “слатка“ победа, од само гол разлика, среде Нашице. Нексе го доживеа првиот пораз на свој паркет во тековната сезона.

Првите неколку минути поминаа во знакот на нашиот тим. Иако поведе Нексе, со голот на Наумче Мојсовски и двата на Вугринец, Металург веќе во 5. минута стекна предност од два гола, 1:3. Нексе ни врати со иста мера и во следните неколку минути постигна четири гола, за водство од 5:3. На наше ново водство чекавме дури до 17. минута, кога Алушовски постигна гол за 8:9. Најголема криза нашиот тим имаше во период од 20. до 29. минута кога примивме шест гола, а не постигнавме ниту еден. Нексе направи резултатски пресврт и нашето водство од три гола разлика, 9:12, се претвори во сигурна предност на противникот, 15:12. Станиќ слабо го почна натпреварот и во првата половина од првиот дел собра само три одбрани. Него го замени Митревски, кој полувремето го заврши со исто така три одбрани. Батиновиќ го постигна последниот гол во првиот дел, кој заврши со резултат 15:13, за противникот.

rknexe8_12_11_resize

Со голот на денес маестралниот Наумче Мојсовски во 37. минута го израмнивме резултатот на 17:17, а две минути подоцна Ракчевиќ ни го врати водството, кое го задржавме безмалку до крајот на средбата. Во неколку наврати имавме и предност од три гола, 18:21, 19:22 и 22:25. Упорните ракометари на Нексе постојано се враќаа во игра, за во 58. минута, со голот на Ивиќ, последен пат да имаат предност, 27:26. Кога сите очекуваа триумф на домашниот состав, најпрво Наумче Мојсовски израмни, а потоа Миркуловски ја донесе победата. Цели 40 секунди имаа домашните ракометари за својот последен напад. Последните 30 секунди ги одиграа со маркер, вадејќи го својот голман. Цврстата одбрана на Металург не им даде можност да упатат удар, иако по истекот на времето сепак изведоа удар од девет метри. Мора да се истакне феноменалното второ полувреме на Дарко Станиќ, кој, во овој дел од средбата, запре дури 15 удари.

rknexe8_12_6_resize

Победата е повеќе од заслужена, иако на сајтот на нашите спортски пријатели од Нашице го тврдат спротивното. Нексе има замерки на судењето, Металург ги има уште повеќе.

Станиќ и Наумче Мојсовски беа нашите денешни лидери, а одлична партија прикажаа Ракчевиќ (5), ветеранот Алушовски (4) и Вугринец (4). Сепак, најважниот гол го постигна, како и многупати досега, Филип Миркуловски.

Металург на оваа средба настапи без: Козлина, Манасков, Маркоски и Ангелов. Сите тие се повредени и се во Скопје. Последен вечерва се врати Веле Маркоски, кој од утре ќе оди на испитувања за да го утврди степенот на повредата.

rknexe8_12_5_resize

РК Нексе – РК Металург  27:28 (15:13)

РК Нексе: Шуњиќ (7 одбрани), П.Лелиќ (4 одбрани), Пивац, Козина 2/3, Матаија 2/2, Етер 1/1, Ф.Лелиќ 2/5, Мрџеновиќ 1/3, Варводиќ 5/7, Слишковиќ 7/13, Вујиќ 1/2, Возаб, Павлетиќ 0/1, Обрановиќ 1/4 и Ивиќ 5/10.      Седмерци: о.    Исклучувања: 10 минути.

РК Металург: Станиќ (18 одбрани), Митревски (3 одбрани), Ракчевиќ 5/6, Левов, Димовски, Маџовски, Вугринец 4/10 (0/1), Георгиевски 2/2, Миркуловски 3/5, З.Мојсоски 0/1, Додер, Н.Мојсовски 9/14 (1/2), Стоилов, Батиновиќ 1/1, Јоновски и Алушовски 4/6.     Седмерци: 1/3.      Исклучувања: 4 минути.

Металург утре заминува за Србија, каде што еден ден ќе помине во Стара Пазова. На 11 декември нашиот тим ќе лета на релацијата Белград – Виена – Минск, а потоа со автобус до Брест, каде што на 12 декември ќе ја има и последната средба, против Брест Мешков. Тоа се и последниот натпревар на Металург во 2012 година.

На 13 декември Металург се враќа во Скопје, со летот на релацијата Минск – Виена – Скопје.

Прочитано 1.538 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 5 = 1