ГОЦЕ ГЕОРГИЕВСКИ: ПРЕКРАСНО Е ЧУВСТВОТО ПО ВЧЕРАШНАТА СРЕДБА

17.01.2013 17:30
084360E28CD6B244961457EAF6815AD1_resize

Гоце Георгиевски е еден од јунаците на вчерашната средба против селекцијата на Русија и е стрелец на израмнувачкиот гол, кој ѝ донесе голема радост на македонската јавност.

Георгиевски во досегашниот тек на првенството постигна пет гола од седум обиди. Секако најважен е неговиот последен гол постигнат на средбата против Русија, на 17 секунди до крајот.

Tоа е и нашиот повод за краткиот разговор со Гоце Георгиевски.

Гоце, дали очекуваше да бидеш повикан во репрезентација и да бидеш дел од мундијалската претстава?

– Искрено, очекував. Мислам дека прикажав добри игри во дресот на Металург, имам голема минутажа на натпреварите од Лигата на шампионите и затоа очекував дека ќе добијам шанса да настапам на СП, како дел од националната селекција.

Ова е твое прво големо натпреварување во дресот на Македонија. Имаше ли трема?

– Ова е навистина мое прво поголемо репрезентативно натпреварување. Во отсуство на искуство од настапи на светски и на европски првенства чувствував, да ја наречам, позитивна трема, која полека исчезна со текот на натпреварите.

Како го оценуваш твојот досегашен настап на ова Светско првенство?

– Мислам дека мојот досегашен настап е сосема задоволителен. Прикажав солидни партии и мислам дека сум ѝ корисен на репрезентацијата. Секако дека ветувам и во иднина да продолжам со своите добри настапи.

Те прогласија за јунак на средбата против Русија. Како се носиш со тоа?

– Па, добро. Ситуацијата налагаше токму јас да го изведам завршниот удар, кој успеав да го реализирам. Јас сум среќен што успеав да ја израдувам цела Македонија, а на репрезентацијата да ѝ обезбедам шанса за подобар пласман во групата.

По освоениот бод против моќната Русија, дали се зголеми самодовербата во нашата репрезентација и како ги оценуваш нашите шанси на утрешниот натпревар против Данска?

– Прекрасно е чувството по вчерашната средба и таа секако дека ги подигна и атмосферата и самодовербата кај сите нас во репрезентацијата. Но ние немаме намера да се задоволиме со досега оствареното и се подготвуваме за големиот петочен предизвик – дуелот со Данска. Целосно сме фокусирани на таа средба, гледаме видеоснимки од нивните натпревари, ја анализираме нивната игра, која е препознатлива по брзата транзиција од одбрана во напад, што најчесто резултира со постигнување лесни голови. Тоа е нивното основно оружје, а ние ќе сториме сѐ за да ги оневозможиме во нивната намера. Ако успееме во тоа, можеме да се надеваме на поволен резултат.

Ти посакуваме добри настапи и успех на нашата репрезентација.

– Благодарам. Поздрав до сите ракометни фанови и редовни посетители на веб-сајтот на Металург.

 

Прочитано 1.377 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


1 + 9 =